Министерство за информатичко општество и администрација го предложи новиот Закон за инспекциски надзор, каде се воведува опомената пред изрекување на казна

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, на денешната прес-конференција го претстави новиот Закон за инспекциски надзор, усвоен на последната владина седница.

„Целта е да се воведе нов концепт на инспекциски надзор преку планирање на инспекциите на основа на проценка на ризик. Инспекциите нема да може повеќе да се користат како механизам за политички или економски притисок. Се постигнува и поголема транспарентност, предвидливост и правна сигурност за субјектите на инспекциски надзор. Проценката на ризик ќе се прави при подготовката на годишниот план за работа на инспекциската служба. И најважно, со овој закон се воведува опомената пред изрекување на казна, како правило“, информираше министерот Манчевски.

Како што истакна Манчевски, инспекцискиот надзор ќе престане да биде механизам за полнење на буџетот. Субјектите најпрвин ќе добиваат опомена и рок да ја отстранат неправилноста, пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија. Исклучок од ова ќе бидат случаите кога инспекторот ќе оцени дека утврдените неправилности можат да предизвикаат опасност по животот и здравјето на граѓаните, финансиска штета, загрозување на животната средина или загрозување на јавниот интерес.

„Со законот се воведува и нов систем за стекнување на лиценца за инспектор, како и нов систем за постојана обука и стручно усовршување на инспекторите. Со досегашниот систем, никој нема да може да стане инспектор во следните неколку години, а се соочуваме со недостаток на инспектори. Предвидени се и повисоки плати за инспекторите, како и механизми за нивна поголема заштита при работата“, рече министерот Манчевски. Платите ќе се зголемуваат постепено. За 10% ќе бидат зголемени на почетокот на 2020-та, а ќе достигнат зголемување од 30% во 2022-та.

На Законот за инспекциски надзор се работеше подолго време во еден инклузивен процес. Беа вклучени сите засегнати страни, а беше добиена и поддршка и од УСАИД. Беа одржани повеќе јавни расправи со цел да се добие Закон којшто одговара на реалната состојба. Закон што помага да се надминат проблемите. И пред се закон којшто создава поволна работна клима и за инспекторите, но и за субјектите на надзор. Овој закон, позитивно ќе влијае на фирмите. Особено малите претпријатија, кои често мораа да затвораат, заради утврдени неправилности при инспекциски надзор, без да им се даде шанса да ги отстранат.

Извор: Министерство за информатичко општество и администрација

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *