Министерство за правда: Сите политичари да помогнат да се обезбеди мнозинство за ЗЈО

Дескоска: Aпелирам сите политичари да го помогнат процесот на разговори за обезбедување двотретинско мнозинство за закон којшто е значаен за евроинтеграциските процеси

По завршувањето на денешната Свечената академија организирана по повод прославата на „Денот на правосудството“, министерката Дескоска даде изјава за медиумите која ја пренесуваме во целост:

“Испитувањата на јавното мислење коишто го покажуваат задоволството односно незадоволството на граѓаните од работата на судството е нешто од што јас не можам да се одвојам, од тој општ впечаток, и затоа сме влезени во сериозен процес на реформи коишто треба да овозможат легислативна подлога за независно и непристрасно судство. Поминавме сериозен процес на законски измени од Законот за судовите, денеска беше во собраниска процедура Законот за Судскиот совет, го донесоме Законот за управни спорови, Законот за прекршоците. Ни остануваат двата најзначајни закони – Законот за Јавното обвинителство и Законот за Советот на Јавните обвинители, а потоа ќе почнеме и со судските постапки. Се што е во надлежност на Министерството за правда е градење на соодветна правна основа за работа на судиите во насока на заштита на човековите права и примена на правото. Секако во таа насока е и обезбедување на материјални услови за работа на судовите. Оваа година ќе видите дека целиот буџет е префрлен на Судскиот буџетски совет којшто треба да располага со него, за разлика од другите години кога капиталните инвестиции останувале во Министерството за правда.

Сметавме дека и на тој начин е добро самото судство да располага со тие средства и во оваа сфера. Во изминатата година беа одобрени вработувања во судовите, најголем дел од тие постапки на вработување на нови млади кадри и стручни соработници поминаа, некои се во тек но запреа заради изборниот период, но, на сите начини се обидуваме да го поддржиме процесот на овозможување процесот на ефикасно работење на судовите и секако да се загарантира нивната независност и непристрасност“.

Во однос на процесот на консултации со ВМРО-ДПМНЕ, Дескоска изјави:

“Вчера имавме средби буквално со сите пратенички групи во Собранието. Разговаравме и со ВМРО-ДПМНЕ околу нивните амандмани, јас кажав дека генерално нивните амандмани можеме да ги групираме во три гурпи. Едната се однесува за амандмани за статусот за СЈО. Сите пораки коишто доаѓаат од меѓународната заедница особено од ЕУ е дека треба да биде посебен орган, а не да се претопи во некои од постојните јавни обвинителства. Вториот дел е околу доказните средства коишто се прибрани во постапките коишто се почнати од СЈО. Ние не би смееле да дозволиме со никаква правна норма да овозможиме амнестирање заради уништување на докази коишто веќе се прибрани. Не зборуваме за аудио снимките, него за материјални докази коишто се прибрани врз основа на снимките како индиции. Третиот дел се амандмани коишто повеќе или помалку можеме да ги дебатираме и има простор за разговор, но, овие две клучни области се главниот камен на сопнување.

Заклучокот беше дека ВМРО-ДПМНЕ треба да направи консултации со цел да ги усогласи своите ставови со препораките на меѓународната заедница, бидејќи закон само заради носење на закон не е нешто што ќе ни овозможи носење на закон.

Ни предстои процес на понатамошна работа за обезбедување двотретинско мнозинство, вчера не можеме да кажеме дека беа успешни разговорите“.

Запрашана за средбата со другите пратенички групи, министерката за правда одговори:

“Вчера се одржа средба со сите пратенички групи. Разговаравме, слушнавме одредени ставови, презентиравме одредени решенија, така што и тој дијалог ќе продолжи. Немавме конкретни разговори за конкретни членови, за конкретни законски решенија, повеќе беше објаснување за она што беше содржано во законот, како се толкуваат одредени норми и кои се нивните грижи евентуално за законот“.

Во однос на изјавата на претседателот на Собранието околу работата на Собранието во изборниот период, министерката Дескоска го даде следниот коментар:

“Претседателот на Собранието е тој којшто може да закаже седница. Владата, министерството, може да побараат, имајќи ја во предвид ургентноста за определени прашања, исто така како што судовите може да побараат симнување на имунитет на одредени пратеници, но на крај останува на претседателот на Собранието да цени во која насока ќе го применува и како ќе го применува деловникот и правилата за работа. Јас очекувам дека сите толкувања на правните норми врз основа на коишто работи Собранието ќе бидат во насока на обезбедување на сите услови и можности за олеснување на процесот на евроинтеграција. Ако се постигне консензус, очекувам дека ќе има седница, но секако седницата ја закажува претседателот на Собранието.

Морам да констатирам дека за жал, вчерашната изјава имаше и одредено свое влијание во преговорите коишто се водеа со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа на некој начин им даде аргумент за одложување на процесот на преговарање, со тоа што се истакна дека практично ако претседателот на Собранието не закажува седница, дека нема потреба да брзаме. Јас апелирам до сите политичари во наредниот период да го помогнат процесот на разговори за обезбедување на двотретинско мнозинство за закон којшто е значаен за евроинтеграциските процеси на нашата држава“.

Извор: Министерство за правда

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *