МИОА: Манчевски на конференцијата „Модерно планирање и буџетски системи во дигитална средина“

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на ден 12.06.2019 година ја отвори конференцијата на тема: „Модерно планирање и буџетски системи во дигитална средина“. Во своето обраќање министерот Манчевски се осврна на важноста од дигитализацијата за развој на економијата, а со тоа и за подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани.

„Процесот на дигитална трансформација е долг и макотрпен. Сепак, во изминатите неколку години презедовме сериозни чекори за да го поправиме ова и за да го промовираме приодот „дигиталното на прво место“. За да го сториме тоа, требаше да ги поставиме и техничките, и правните темели. Како носители на дигитални политики, посветени сме на обезбедување еднаков пристап до јавните услуги за сите наши граѓани и бизниси. Сепак, поголемата достапност на услугите и можностите кои се отвараат преку дигиталните канали со себе носи поголеми предизвици. За да се олесни процесот на овој економски раст, но и за да се премости јазот со ЕУ, треба да обезбедиме силна дигитална инфраструктура, усогласеност со законските барања, како и отворен и безбеден сајбер-простор“, истакна министерот Манчевски.

Тој се осврна и на првиот столб на Дигиталната агенда на Европската Унија, а со тоа и почетокот на дигиталната трансформација на Северна Македонија, односно на усогласување на домашното законодавство со регулативата EIDAS. За таа цел, се изготви закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Целта на овој закон е да обезбеди механизми и услуги за зголемување на доверливоста при електронски трансакции, а со тоа да се обезбеди правна безбедност и да се поттикне употребата на електронска идентификација. Улогата на Владата е да го олесни склучувањето договори на регионално ниво и на ниво на ЕУ, за да се премости јазот со земјите-членки на ЕУ и да се обезбеди препознатливост на давателите на услуги од Северна Македонија.

Министерот Манчевски, зборуваше и за вклученоста на другите институции во процесот на дигитална трансформација.

„Дигитализацијата на државата е хоризонтален процес и вклучени се повеќе институции. Па така, Владата односно Министерството за финансии во соработка со останатите институции, влкучително и МИОА, работи на Интегриран систем за управување со јавните финансии, овој систем има за цел да ги спои сите институции и нивните бази. Дел од реформата е и транспарентноста, ние ги даваме информациите, а јавноста има можност будно да ги следи трошењата на државата. Веќе се направени низа чекори за подобрување на транспарентноста на јавните финансии и ако некогаш истата била критикувана од меѓународната јавност, сега е истакната како позитивна реформа. Во делот на приходите, се дигитализира Управата за јавни приходи. Преку системот Е-ПДД, граѓаните не чекаат повеќе во редици за да ги поднесат своите годишни даночни пријави. Се дигитализира и Царинската управа и на овој начин се намалуваат трошоците на компаниите за поднесување на царинските декларации. Со дигитализацијата се намалуваат и можностите за злоупотреби. Исто така, сите предмети за приватизација на земјиште, кои се во надлежност на Управата за имотно правни работи, ќе бидат јавно достапни“, информираше министерот Манчевски.

Извор: Министерство за информатичко општество и администрација