МК: Делегација од Министерството за култура на 5. Светски форум за интеркултурен дијалог во Баку

Делегација од Министерството за култура на Република Северна Македонија учествува на 5. Светски форум за интеркултурен дијалог, кој вчера и денеска  ( 2 и 3 мај 2019 г.) се одржува во Баку, Република Азербејџан.

Во рамки на форумот, пред присутните свое обраќање имаше Фатон Фазлиу, шеф на кабинетот на министерот за култура кој истакна дека форумот во Баку е убава можност да се разгледаат не само економските, финансиските и материјалните туку и сите други,  духовни и социјални, религиски и културни  прашања што го оптоваруваат светот денес.

„ Република Северна Македонија и внатрешно, како типично мулти-етничко, мулти-културно и мулти-религиско општество, прави се,  низ дијалог да се најдат решенија за поволни односи меѓу сите заедници и дека земјата вложува многу во негувањето, почитувањето и унапредувањето на културата на сите заедници кои живеат во државата“, рече Фазлиу.

Светскиот форум за интеркултурен дијалог, кој годинава се одржува на тема „Унапредување на дијалогот против дискриминацијата, нееднаквоста и насилните конфликти“, е во организација на Владата на Азербејџан, а во соработка со Организацијата на обединетите нации за образование, наука и култура (UNESCO), Алијанса на цивилизациите (UNAOC), Светската туристичка организација (UNWTO),   Советот на Европа и Исламската организација за образование, наука и култура (ISESCO),  а е во рамките на Баку-процесот за интеркултурен дијалог.

На Форумот се разговара за клучната улога на интеркултурниот дијалог како  стратегија во изградбата на човечката солидарност во спротивставувањето на насилството и дискриминацијата во различни заедници.

Инаку, во рамките на Баку-процесот веќе десет години интензивно се работи на создавање позитивна платформа за размена на мислења меѓу поединци и групи со различно етничко, културно, верско и јазично потекло, кои живеат на различни континенти, а врз основа на меѓусебно разбирање и почит.

Извор: Министерство за култура