МК: Доделени наградите на 49. Државен фестивал на непрофесионален филм

Златна плакета од УНИКА (UNICA – Union Internationale du Cinéma/ Интернационален филмски сојуз) за придонес и поддршка во популаризацијата и афирмацијата на непрофесионалниот филм ѝ е доделена на Кинотеката на Република Северна Македонија во рамките на 49. Државен фестивал на непрофесионален филм – „ДФНФ – Скопје 2020“.

Киносојузот на Македонија и Народна техника на Македонија, во соработка со Град Скопје и Кинотеката, организираа официјална проекција на филмовите и доделување на наградите од 49. ДФНФ – Скопје 2020.

Доделувајќи ја наградата од УНИКА, претседателот на Киносојузот на Македонија Саша Дукоски истакна дека Кинотеката во сите изминати години е голем поддржувач на Киносојузот. Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов, пак, наградата им ја посвети на сите вљубеници во филмот.

На Државниот фестивал на непрофесионален филм годинава, во четири категории конкурираа 32 филма од 24 автори, од кои 12 се самостојни, а преостанатите се од шест клубови.  Во официјална конкуренција беа примени 11 филмови. Одлуките за наградите ги донесе стручното жири во состав: Мишо Нетковски – претседател и Миле Петковски и Петре Чаповски – членови.

Извор: Министерство за култура