МК: IN Memoriam – Љупчо Петрушевски (1945 – 2020)

Денеска ненадејно, на 75 годишна возраст почина Љупчо Петрушевски, доајен на македонскиот театар и долгогодишен директор на МНТ и на Националната опера и балет.

По тој повод, министерката за култура испрати телеграма со сочувство во која меѓудругото стои:„ Во мое лично име, и од името на Министерството за култура испраќам длабоко сочувство до семејството и до колективот на МНТ за загубата од заминувањето на еден од доајените на македонскиот театар кој со својата посветеност, знаење, љубов кон театарот остави длабоки темелни вредности во институцијата на МНТ и во театарскиот и филмскиот живот на земјата.

Маркантната појава на Петрушевски и неговата страст како директор и актер остануваат запишани во аналите на македонскиот театар како стамена одредница на неговото време и како пример за грижа и афирмација на македонската култура.

Слава му.“

Петрушевски беше дипломиран актер, но останува запаметен како директор на Драмата на МНТ и на МНТ, подоцна МОБ.

Како што велат од МНТ, Петрушевски беше неразделен дел од театарот и по пензионирањето беше верен поддржувач и гледач на претставите на своите колеги. Секогаш ќе остане запомнет по маркантниот став и секогаш кога ќе се појавеше привлекуваше со внимание и посветеност.

Покрај менаџерската функција, не помалку се значајни улогите што Петушевски ги одигра на сцената на МНТ. Неговата прва улога е во „Случајот во Виши“ (1967). Препознатлив е по улога на Хоакин Муриета, главниот лик во „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ (1976). Некои од позначајните улогите му се Михаил Антонов во „Macedonishe Zustande“(Мацедонише Цуштенде), (1984), Витезот од Рипафрата во „Мирандолина“ (1985), Виќа во „Сомнително лице“ (1982), Пјер во „Граѓанинот благородник“ (1982), Владимир во „Габи“ (1982), Луков во „Житолуб“ (1981), Ѓорѓија во „Милион маченици“ (1980), Непознатиот во „Сојтарии“ (1979), Чорниј Вашил во „Кенгурски скок“ (1979), Пуба Фабрициј Глембај во „Господа Глембаеви“.

Петрушевски ќе остане запапомнет и препознатлив и по филмските и телевизиски улоги меѓу кои „Скопски сновиденија“ (1988), „Ѕвездите на 42-та“ (1987), „Климент Охридски“ (1986), „Сомнително лице“ (1985), „Трговецот од Солун“ (1985), „Од зад грб“ (1985), „Нели ти реков“ (1984), „Лет во место“ (1984), „Слана во цутот набадемите“ (1983), „Записник“ (1983), „Илинден“ (1982), „Јужна патека“ (1982), „Едно лето“ (1982), „Наши години“ (1979), „Сослушувањето на железничарот“ (1976), „Прва вечер“ (1975), „Вујковиот сон“ (1970) и „Маљва“ (1969).

Извор: Министерство за култура