МК: Меѓународен фестивал „Пролетни веселби“ – Чалакли, Валандово

„УНЕСКО елемент – Пролетни веселби Х’дрелез, вчера, денес и утре“ е насловот на трибината што ќе се реализира денеска (2 мај ) со почеток во 18 часот во просториите на Меѓународниот балкански универзитет во Скопје.

На трибината, која е дел од програмските активностите на 28. Меѓународен фестивал „Пролетни веселби – Хид Бах Шен Фест“ – Чалакли, Валандово, ќе се обратат професорите д-р Метин Екиџи и д-р Али Дујмаз од Турција и д-р Велика Стојкова- Серафимовска од нашата земја.

Инаку, 28. издание на „Хид Бах Шен Фест“ ќе се реализира од 2 до 6 мај во Скопје, Гостивар (културен симпозиум), Тетово, Струмица, Валандово (концерти), Башибос (обичаи) и Чалакли каде што ќе се одржи централниот настан на кој ќе настапат локални културно-уметнички друштва и фоклорни групи од регионот. Освен презентирање на турскиот фолклор и игри, на „Хид Бах Шен Фест“ ќе се одржи и пеливанско борење и изложба.

Пролетните веселби – Х’дрелез се впишани во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото (на 7.12.2017 година).

Фестивалот се реализира со поддршка од Владата и Министерството за култура на Република Северна Македонија, Министерството за култура и туризам на Република Турција, Агенцијата за координација и развој – ТИКА  и други.

 

Извор: Министерство за култура