МК: Почина македонската театарска, телевизиска и филмска актерка Билјана Беличанец

Во Скопје почина македонската театарска, телевизиска и филмска актерка Билјана Беличанец.

Министерот за култура Асаф Адеми во телеграмата со сочувство испратена до семејството на познатата актерка истакна дека Билјана Беличанец, со својот раскошен талент, одиграните улоги и препознатливиот глас, испиша нови страници од македонската театарска историја, а нејзиното име и дело оставија длабока трага во развојот и афирмацијата на македонското современото драмско творештво.

Билјана Беличанец е родена во 1973 година. Во 1994 година дипломирала како најмлад актер на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и истата година се вработила во Народниот театар  „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, а во 1997 година се вработила во Драмскиот театар – Скопје.  Публиката ја памети по многубројни главни и споредни улоги во повеќе театарски проекти. Беше дел и од ТВ-проектот „Здраво генијалци“ и натсинхронизираше гласови во турски серии. Има добиено повеќе награди за актерските остварувања, меѓу кои и награда за најдобро актерско остварување за улогата на Кинегонда во претставата „Кинегонда во Карлаленд“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп во 2009 и за улогата на Сара во претставата Генетика на кучињата во 2012 година.

Во периодот од 2013 до 2017 година, Билјана Беличанец ја извршуваше функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода.

Извор: Министерство за култура