МК: Почнува 31 Саем за книги

Повеќе од 60 издавачи од земјава, Србија, Косово, Албанија, Данска и од Унгарија се дел од 31. издание на Меѓународниот саем на книгата, кој од денеска до 14 мај се одржува во ВИП-арената „Борис Трајковски“.

Во фокусот на 31. Меѓународен саем на книгата во Скопје ќе бидат Унгарија и унгарската книжевност. Она со што може да се пофали оваа земја е богатата книжевна литература, со многу наградувани автори и литературни дела кои може да се најдат на полиците за книги во светот.

Во рамките на Саемот, на посебен штанд ќе бидат претставени и унгарските книжевни дела објавени на македонски јазик во последниве години, а посетителите ќе имаат можност да се сретнат и со авторите Едина Сворен и Ласло Багоши, како и со македонските преведувачи на унгарската литература – Паскал Гилевски и Златко Панзов. За време на Саемот, покрај презентирањето на врвните унгарски книги, ќе биде претставена и изложба на илустрации од современи унгарски детски книги.

Инаку, понудата на 31. Саем на книгата во Скопје е разновидна – од белетристика до научни и стручни книги, енциклопедии, литература за деца…,   а посетителите ќе може да купат книги со саемски попуст. Во Промотивниот центар во ВИП-арената, како што е најавено, ќе се одржат и околу 30 промоции.

Работното време во седумте саемски денови е од 10 до 20 часот. Влезниците за Саемот се по цена од 30 денари, односно 20 денари за групни посети. За полесен и директен пристап на посетителите до ВИП-арената „Борис Трајковски“, ЈСП Скопје и оваа година воведува две вонредни автобуски линии од населбите Ново Лисиче (бр. 100) и Дексион (бр. 200).

Извор: Министерство за култура