МК: Популарната виолинистка Ванеса Меј ќе го отвори 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“

Популарната виолинистка Ванеса Меј, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“. Оваа прославена виолинистка ќе настапи со оркестарот на Националната филхармонија и вокалните солисти од Националната опера и балет и под диригентската палка на маестро Иван Кожухаров.

Како што најави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, на речиси два месеци пред отворањето на фестивалот, со посветена и професионална работа се завршени  подготовките во делот на програмата за 59-тото издание. Поповиќ информираше дека низ 40-те фестивалски денови, љубителите на уметноста ќе имаат прилика да уживаат на фестивалската сцена каде ќе се слави врвната уметност.

-Покрај светските уметници почит и белег ќе дадеме и кон нашите македонски уметници, истакнати поединци и творци од областа на уметноста. Тука се и традиционалните вечери кои ги правиме во соработка со Амбасадите. На сцената на Античкиот театар, во предворјето на црквата „Св. Софија”, во црквата „Св. Софија”, на Долни Сарај и во Центарот за култура ќе се одржат преку 40 културни настани, најави Поповиќ.

Најавувајќи ги музичките настани на годинешното фестивалско издание, селекторот на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ Васо Ристов, рече дека и годинава е предвидена квалитетна и атрактивна програма  во текот на 40-те фестивалски денови.

-На претстојното издание на „Охридско лето“ ќе имаме учесници –уметници од Италија, Австрија, Русија,  Бугарија, Германија, Чешка, Словенија, Албанија, Норвешка, Хрватска, Франција, Србија, Косово, Финска и други земји. Би ги издвоил еден од најпознатите виолончелисти на светската сцена, Русинот Денис Шаповалов, неповторливата сопранистка Инва Мула од Албанија која ќе настапи заедно со  македонскиот тенор Ѓорѓи Цуцковски и сопранот Дешира Крлиу, тука е пијано-дуото Гелебешеви, познатиот српски виолинист Стефан Миленковиќ, ансамблот Дорицо од Италија, гудачкиот квартет Асасело од Германија, како и Камерниот оркестар од Државната филхармонија од Бријанск , Русија. Посебно уметничко доживување за публиката ќе приредат извонредните словенечки уметници, виолончелистот Клемен Хвала и кларинетистот Дарко Брлек и многу други, најави Ристов.

Теaтарскиот дел на „Охридско лето“, како што рече селекторот на драмската програма Александар Поповски, во своето видео-обраќање, годинава ќе биде посветен на човекот којшто е заслужен за генераци и генерации театарски уметници, драмскиот писател и драматург, покојниот Горан Стефановски.

-За него Охридско лето беше нешто посебно, Охрид беше нешто посебно, и мислам дека треба да најдеме начин, и сеуште барам вистински начин, како да му се оддолжиме и како да оставиме поголем печат за она што тој го правеше за сите нас, рече Поповски. Тој најави  дека годинава фестивалската програма на „Охридско лето“ годинава ќе донесе театарски претстави од Словенија, Хрватска, Казахстан, Турција, Португалија, Србија, како и драмски проекти од домашна продукција.

– Отворањето на драмскиот дел  ќе биде со претставата „Самрак на Боговите“ според оној филм на Висконти, кои сите добро го познаваме. Доаѓаат СНГ  Драма Марибор, претстава којашто веќе гостува на неколку фестивали, и којашто на фестивалот во Ниш ги освои сите награди. Затворањето е со Народниот Театар од Белград, со преставата „Иванов“ од Антон Павлович Чехов каде што ќе можеме да го видиме во главна улога нашиот Никола Ристановски, рече драмскиот селектор Александар Поповски.

Извор: Министерство за култура