МК: Со музичка работилница се одбележаa осум години од Спомен-куќата на Тоше Проески

Спомен-куќата на Тодор Проески на Гумење во Крушево на ден 25.04.2019 година одбележа осум години од отворањето. По тој повод, во Спомен-куќата се одржи музичка работилница на која учествуваа реномирани и талентирани музичари и композитори.

Свои композиции изведуваа музичарите: Славчо Спироски-Слав – композитор изведувач, Владимир Јовановски – виолинист и Ванчо Петров.

Според директорката на Спомен-куќата, Елена Мирчевска, музејот досега го посетиле 650 000 гости, од кои 30 отсто од странство, особено од балканските и од европските земји. Во Спомен-куќата се изложени околу 350 експонати, автентични предмети кои му припаѓале на Тоше.

Поставките во музејот се менуваат на денот на роденденот на Тоше и на денот на трагичниот настан, 16 октомври.

Ова се дел од годишните активности на музејот за негова промоција и популаризација, пред сѐ, за раскажувањето на приказната за битисувањето на еден човек кој има само датум на раѓање, истакна Мирчевска, нагласувајќи дека за годишнината на музејот е изработена специјална рамка од плексиглас со алуминиумски светлечки лајсни.

Посебно е изгравирана песната на музичарот Слав, инспирирана од насловите на песните на Тоше Проески.

Извор: Министерство за култура