МК: Со „Триумфалниот марш” од „Аида”-отворени 47 Мајски оперски вечери

Со звуците на „Триумфалниот марш” од „Аида” и палење на фестивалскиот оган, во присуство на голем број гости од политичкиот, јавниот и културниот живот во земјава синоќа во Националната опера и балет свечено беа отворени 47. Мајски оперски вечери.

Според директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов, во своето обраќање истакна дека охрабрува фактот што и покрај границите што ги наметнува потрошувачкото општество, ниту радиото, ни телевизијата, а ни современите носачи на звук, не се штетна конкуренција на манифестациите на жива музика и на оперските претстави.

Вечерите секоја година се затвораат со „Аида” на 31 мај, но оваа година фестивалот и почна со неа. За двете изведби има две екипи – домашна и интернационална. Продукцијата е на театарот „Карло Феличе” од Џенова, кој донесува модерно видување на популарната Вердиева опера, со 3Д-проекции на сцената. Режијата и адаптацијата е на Дејан Прошев, кореограф е Луиза Балдинети, а асистент кореограф – Саша Евтимова.

Диригент на претставата е Енрико Довикое,  насловниот лик во вечерашната изведба го играше Благица Поп Томова, а на 31 мај – Русинката Олга Романко.

Во рамките на 47. Мајски оперски вечери, до крајот на месецов ќе бидат изведени шест оперски и една балетска претстава.

Извор: Министерство за култура