МК: Трето издание на „Today it’s all about jazz“

На 30 април во Младинскиот културен центар ќе се случи третото издание на веќе традиционалниот фестивал „Today it’s all about jazz“. Годинава, фестивалот кој е во организација на Здружението на џез-музичари на Македонија (ЗЏМ), ќе се случува во текот на целиот ден почнувајќи од 15 часот. На сите љубители на џезот и на добрата музика, ќе им биде понудена разновидна, атрактивна програма во која се вклучени настани и за најмладите, за нашата идна џез-публика.

Ќе биде одржана и работилница за млади под наслов „Џез за деца!“, на која присутните ќе имаат можност да се запознаат со специфичниот инструментариум, како и со дел музиката создавана во различни периоди од историјата на џезот.

Во рамките на фестивалот ќе биде одржана и работилница посветена на творештвото на врвниот американски композитор Макс Роуч (1924-2007), која ќе ја води тапанарот и композиторот Дамјан Даневски. Како дел од програмата предвидена е и проекција на документарен филм, како и врачување на награда за посебен развој на џез-музиката во Македонија. Годинава, наградата ќе ја добие Илија Пејовски, композитор, аранжер, еден од пионерите на џез-музиката во Македонија.

Извор: Министерство за култура