МК: Заменик-министерот за култура, Лазовски, го отвори 54. издание на реномираниот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“

Заменик-министерот за култура, Владимир Лазовски, синоќа во Прилеп, во присуство на многубројна публика, го отвори 54. издание на реномираниот Меѓународен театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

Во своето обраќање пред присутните, меѓу кои и градоначалникот на Општина Прилеп, Илија Јованоски, и уметничкиот директор на фестивалот, Катерина Коцевска, заменик-министерот за култура истакна дека Прилеп, по 54-ти пат, е нашата најголема театарска арена од каде што уметниците од оваа област ги испраќаат своите пораки кои со илјадници години докажуваат дека се едни од најсилните корективи на актуелните општествени случувања.

„Во само за Прилеп автентичната фестивалска атмосфера, професионалните продукции ги претставуваат своите најнови претстави, се натпреваруваат пред стручното жири и критиката, но и пред публиката која низ годините се докажа како една од оние со истенчен вкус, но и онаа со најискрена љубов кон театарџиите“, посочи Лазовски. Тој им ги честиташе наградите на годинашните лауреати, режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку.

„Со длабока почит, дозволете ми да им ги честитам наградите на годинешните лауреати, професорот Владимир Милчин чии претстави се уметничка шлаканица во насока на храбрата максима – Да се менува светот со помош на театарот! и Бајруш Мјаку, актерот кој сам им ја определува славата на улогите кои ги толкува.  А на сите колеги учесници  им посакувам креативен натпревар кој ќе донесе до нов триумф на театарската уметност во земјава. Посакувам и ова издание на единствениот наш „Чернодрински“ да помине во ангажиран, формален, но и помалку формален дух, што сето заедно ќе придонесе во градење нов квалитет на македонскиот театар“, истакна заменик-министерот за култура Лазовски.

На отворањето на Фестивалот, освен што беа доделени наградите за животно дело, концерт одржа Влатко Стефановски, а беше прикажана и првата од осумте претстави во конкуренцијата за наградите, претставата „Макбет“, според Вилијам Шекспир во режија на Нела Витошевиќ, од МНТ.

Во конкуренцијата за наградите се и претставите: „Бакхи – краток преглед на распадот“ во режија на Вук Торбица од Битолскиот театар, „Физика на тагата“ во режија на Милош Андоновски од Кумановскиот театар, „Животинска фарма“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски од Струмичкиот театар, „Смртта на Дантон“ во режија на Дино Мустафиќ од Албанскиот театар, претставата „Пиреј“ во режија на Ѓорѓиевски од Прилепскиот театар, „На отворено“ во режија на Андреј Цветановски од Театар Комедија и претставата „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ од Драмскиот театар од Скопје.

В сабота, 15 јуни, ќе бидат прогласени најдобрите театарски остварувања, а на затворањето на Фестивалот, во чест на наградените, ќе биде одиграна „Силјан Штркот шанца“ од Дејан Дуковски, во режија на Срѓан Јанаќијевиќ, во продукција на МНТ од Скопје.

Извор: Министерство за култура