МК:Фестивал за млади „Џифони патува“ денеска и утре во Кичево

Во Центарот за култура „Кочо Рацин” во Кичево денеска и утре (19 и 20 април), со почеток во 10 часот, ќе се одржи Филмскиот фестивал за млади „Џифони патува во Кичево“.

Фестивалот во Кичево, кој е дел од фестивалот „Џифони Македонија“, е наменет за младата публика од 13 до 18-годишна возраст, која во текот на двата дена, под водство на актерот Сенад Абдули, кој ќе биде и ментор на актерската работилница, ќе гледа филмови и ќе дебатира. Работилницата за фотографија ќе ја води професор Роберт Јанкулоски, а ментор на ликовната работилница ќе биде Моника Мотеска.

„Џифони патува” е проект кој преку вклучување поголем број млади вљубеници во филмот и културата, во текот на дводневната богата филмска и едукативна програма им овозможува на учесниците да ја почувствуваат магијата на филмот и културата воопшто.

„Џифони патува” досега се одржа во дванаесет градови во Македонија. Фестивалската програма „Џифони патува“ во Кичево се одржува со финансиска поддршка од Агенцијата за филм и од Фестивалот „Џифони експириенс“ од Италија, во соработка со Општина Кичево и Амбасадата на Италија во Скопје.

Извор: Министерство за култура