МЛС: Конференцијата “Партнерство за забрзана децентрализација, инклузивен и оддржлив развој”

Министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, учествуваше на регионалната Конференција „Партнерство за забрзана децентрализација, инклузивен и оддржлив развој “, што се одржа на ден 13.06.2019 година во Скопје, со поддршка на УНДП. На оваа Конференција присуствуваа градоначалници од општините од Скопскиот и Северозападниот плански регион а присутните ги поздрави и претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Френк Јанмат и претседателот на ЗЕЛС, воедно и претседател на градот Скопје, Петре Шилегов.

Министерот Фазлиу ги поздрави присутните и истакна дека целтта е заедно претставниците од надлежните министерства и локалните власти да ги споделиме информациите и да понудиме решенија за подобро функционирање на општините. Министерството за локална самоуправа со поддршка на УНДП отпочнува со оценка на спроведувањето на Законот за локалната самоуправа. Крајно време е 17 години по донесувањето на овој исклучително важен, системски закон да се направи суштинска анализа како се имплементира, каде има проблеми и на што се резултат – дали на несоодветни законски одредби, на недоволни ресурси, финансиски или човечки, на несоодветна организација или нешто друго, рече министерот Фазлиу.

– Во текот на првата половина од годината Министерството за локална самоуправа со поддршка на Светска банка направи анализа на финансирањето на функциите на општините преку блок дотациите од централната власт. Генерална е оценката дека се потребни промени во системот на финансирање. Сегашната поврзаност на средствата со постојните установи ги става во понезавидна положба малите и руралните општини. Кога започна децентрализацијата тие на својата територија немаа установи како што се детски градинки, средни училишта или домови на културата. Практично немаше социјална инфраструктура која можеше да се пренесе, а со тоа изостанаа и средствата од централниот буџет. Тоа ги прави многу позависни од централната власт и ја доведува во прашање нивната оддржливост, истакна министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу.

Во продолжение на својот говор, Фазлиу подвлече дека на една отворена власт секогаш и се потребни идеите и ентузијазмот на граѓанскиот сектор кој што на легално донесените одлуки ќе им даде легитимитет-широка поддршка и нивно успешно спроведување.

Исто така, министерот Фазлиу ја оцени како значајна ревитализицацијата на месната самоуправа како консултативен механизам. Месната самоуправа функционирала, има традиција на овие простори и на граѓаните им е позната. Да ги споиме швајцарското знаење преку форумите на заедниците со нашите месни и урбани заедници и да ги ставиме во функција. Сите предлози и сугестии на овој план се добредојдени. Тоа е начинот на кој што можеме да ги отвориме општините и да им ја вратиме довербата на граѓаните во институциите.

Извор: Министерството за локална самоуправа