МЛС: Потпишан Протокол за соработка меѓу општина Валандово и српската општина Лазаревац

Државниот секретар во Министерството за локална самоуправа Кирил Парталов на ден 31.05.2019 година присуствуваше на потпишувањето на Протоколот за соработка меѓу општина Валандово и српската општина Лазаревац. На чинот на потпишувањето присуствуваше и државниот секретар на Министерството за државна управа и локална самоуправа на Србија, Бојан Стевиќ.

Протоколот го потпишаа градоначалникот на Валандово Перо Костадинов и претседателот на градската општина Лазаревац, г-дин Бојан Сингелиќ, при што беше истакнато заедничкото задоволство од обновувањето на соработката која што формално била воспоставена уште во 1977 година.

Државниот секретар за локална самоуправа Кирил Парталов ја поздрави иницијативата за соработка меѓу двете општини, како потврда на владината политика за соработка на земјите во регионот на сите нивоа.

– Во процесот на интегрирање на нашите земји во Европската Унија неопходно е да соработуваме и да си помагаме. Актуелната Влада на Република Северна Македонија направи многу на овој план. Посветено работи на продлабочување на добрососедските односи и развивање на соработката во регионот. Во оваа прилика сакам да го изразам задоволството од присуството на мојот српски колега, државниот секретар во Министерството за државна управа и локална самоуправа. Ова нека биде почеток на воспоставување на конкретна соработка и меѓу нашите две министерства, рече државниот секретар Парталов.

Во разговорот со својот српски колега Парталов ги презентираше надлежностите на Министерството за локална самоуправа, со акцент на имплементацијата на политиката на рамномерен регионален развој и на ИПА Програмата за прекугранична соработка.

– Владата својата политичка воља ја покажа преку двојно зголемување на средства за рамномерен регионален развој за период од две години. Во буџетот за 2019 година само преку Министерството за локална самоуправа се реализираат 420 милиони денари за проекти во осумте плански региони. Минатата година преку Министерството за локална самоуправа се реализираа 100 проекти за развој на планските региони, на селата и на подрачјата со специфични развојни потреби, рече Парталов. Тој истакна дека прекуграничната соработка финансирана преку ИПА Инструментот е уште едно ново поле на соработка меѓу општините од двете земји.

– Програмата за прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Србија почна да се имплементира неодамна. Во фаза на финална подготовка е првиот јавен повик и набрзо партнерите од двете страни на границата ќе можат да отпочнат со конкретна соработка. На располагање на двете земји се околу 7,2 милиони евра, средства од Европската Унија.

Извор: Министерство за локална самоуправа