МЛС: Работите ќе ги менуваме заедно, во соработка со граѓаните, со транспарентно и отчетно работење

Нова Стратегија за регионален развој и нов Закон за рамномерен регионален развој, секогаш поаѓајќи од реалните потреби на граѓаните, преку подобрување на системот на локалната самоуправа, доследно спроведување на политиката за рамномерен регионален развој и уште поефикасно управување со ИПА фондовите на Европската Унија за прекугранична соработка, се главните приоритети за министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.


-Владата и јас како министер за локална самоуправа во новиот мандат продолжуваме ефикасно, посветено и одговорно да работиме на процесите на европеизација, демократизација и економски развој на државата. Во првиот мандат максимално се вложивме во создавањето на можности за продолжување на процесот на евроинтеграција, за градење на вредности и држава во која што секој граѓанин ќе се чувствува слободен, еднаков и безбеден. Одговорноста во овој мандат е уште поголема. Отпочнати се важни процеси кои што имаат директно влијание на квалитетот на живеење на граѓаните. Работите ќе ги менуваме заедно, во соработка со граѓаните, со транспарентно и отчетно работење, истакна Милевски. Министерот за локална самоуправа рече дека поаѓа од реалните потреби на граѓаните и затоа ќе работи на подобрување на системот на локалната самоуправа, доследно спроведување на политиката за рамномерен регионален развој и уште поефикасно управување со ИПА фондовите на Европската Унија за прекугранична соработка, а овој мандат го започнува со стратешко планирање и програмирање во сите три области.


-Отпочнавме со подготовка на нова Стратегија за регионален развој и на нов Закон за рамномерен регионален развој. Стратешкиот документ ќе го детерминира развојот на планските региони и на државата во наредните 10 години. Работите мора да се менуваат системски, затоа што претходниот стратешки документ за периодот 2009-2019 година не ги даде очекуваните резултати. Според развојниот индекс Скопје во однос на другите плански региони предничи повеќе од двојно. Од друга страна пак податоците покажуваат дека расходите по глава на жител во  другите плански региони се само за 1/3 пониски во однос на Скопскиот плански регион, појасни Милевски.


Направената оценка на резултатите од спроведувањето на претходниот стратешки документ покажала дека за 10 години во осумте плански региони биле реализирани 2.247 проекти во износ од вкупно 373.8 милиони евра, или просечно 166 355 евра по проект. Околу 10 проценти од овие средства се реализирани преку Министерството за локална самоуправа, а другите 90 отсто преку другите ресорни министерства.

-Во овој мандат како Министерство за локална самоуправа сакаме работите да ги менуваме со фронтален сет од мерки кои што во исто време ќе ги намалуваат разликите, но и ќе ги зголемуваат конкурентските предности на секој плански регион.  Тоа подразбира пред се доследно почитување на степенот на развиеност на планските региони при распределбата на средствата за капитални инвестиции од сите сектори. Досега овој принцип го почитуваше само Министерството за локална самоуправа. Квалитетот на живеење ќе го менуваме со воедначување на стандардот на јавните услуги во сите делови на државата. Училиштата, детските градинки, патишта, комуналната инфраструктура треба да бидат подеднакво достапни и функционални за сите граѓани, вели Милевски.

Според Милевски другиот исто толку важен приоритет е процесот на децентрализација кој што има влијание и на квалитетот на живеење и на демократизацијата на општеството и на економскиот развој, а генерално и на имиџот на државата во процесот на интегрирање во Европската Унија.

-Стартуваме со подготовка на нова петгодишна Програма за оддржлив локален развој и децентрализација, подобрување на финансиската стабилност на општините преку поправедна распределба на средствата од ДДВ и од блок дотациите, надминување на финансискиот јаз меѓу потребите и можностите на помалите општини, затоа што сите граѓани треба да добијат подеднакво квалитетни јавни услуги, без разлика на местото на живеење. Од друга страна овој инструмент ќе биде во корелација со извршувањето на одговорностите на локалните власти за наплата на локалните даноци и такси. Затоа ќе работиме и на зајакнување на капацитетите на локално ниво за транспарентно и отчетно управување со јавните финансии, за поголемо и директно вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуките, а ќе бараме и менување на изборниот модел за избор на членови на општинските совети на отворении листи, потенцираше Милевски.


Тој најави дека министерството за локална самоуправа ќе работи на подобрување и на унифицирање на административните услуги преку дигитализација на процесите и целосно воспоставување на систем на една точка за услуги со воспоставување на центар за услуги во секоја општина. Исто така и дека ќе продолжи трансферот на нови надлежности на општините, водени од принципот услугата да биде подостапна за граѓаните, поефикасна и поефтина. Посебен акцент ќе биде ставен и на зајакнувањето на капацитетите на инспекциските служби во општините.


-Оваа година општините имаат превземено одговорности и во справувањето со здравствената криза, што бара дополнителни и финансиски и човечки ресурси. Оваа нова ситуација ја наметна потребата да се реосмисли и местото и улогата на општините во системот за заштита и спасување и конкретно, во одговорот за заштита од корона вирусот и други заразни болести, рече Милевски..

Милевски најави дека е во тек и програмирањето на новиот ИПА програмски период. Се подготвуваат новите програми за прекугранична соработка со сите соседни земји. 


-Она што се менува во овој програмски период е пристапот  на земјите до европските пари. Поголема апсорбција на средства ќе обезбедат земјите кои што се поконкурентни. Како држава имаме искуство во подготовката на проекти од страна на граѓанските организации, општините, универзитетите, училиштата, здравствените организации и други институции и асоцијации. Од Буџетот на државата ќе ги стимулираме сите потенцијални апликанти со покривање на трошоците за сопствено кофинансирање во вредност од 15%. Ќе продолжиме да ги зајакнуваме капацитетите за потранспарентно и поотчено управување со финансиските средства на Европската Унија со што ќе покажеме и поголема одговорност во процесот на евроинтегрирање. Свесни сме дека во овој мандат ќе бидеме уште построго мониторирани и од граѓаните и од Европската Унија. Оваа Влада свесно ги отвори процесите за одговорно и отчетно управување на сите нивоа на власт, затоа што тоа единствениот начин да направиме суштински промени во државата, за државата и за
сите нас, истакна Милевски.

Извор: Министерство за локална самоуправа