МЛС: Регионална конференција за спроведувањето на децентрализацијата во Штип

Во организација на Министерството за локална самоуправа на ден 07.06.2019 година во Штип се оддржа првата од трите регионални Конференции на тема “Партнерство за забрзана децентрализација, инклузивен и оддржлив развој” , на која учествуваа градоначалниците и од Источниот, Вардарскиот и Југоисточниот регион.

Заменик министерот за локална самоуправа, Дејан Павлевски истакна дека веќе се размислува главните промени на децентрализацијата да одат во три насоки, начинот на финасирање, подобрување на општинските услуги и поголемо граѓанско учество.

–Нашите истражувања одат во три насоки. Дали сегашниот начин на финасирање на општините е добар или можеби треба да се размислува за функционална децентрализација, односно финансирање на функциите, а не на институциите, што постојат во единиците на локална самоуправа. Втората работа се општинските услуги, може ли тука да има подобрување и граѓанското учество. Поголемо учество на граѓаните во менаџирање со општините, вели Павлевски.

Градоначалниците очекуваат процесот да тргне да напред, убедени се дека сами подобро ќе менаџираат со ресурсите на општините и поефикасно ќе ги решаваат проблемите на граѓаните. Клучна според нив е финасиската стабилност за што бараат и поголем процент од ДДВ и персоналниот данок, а исто така правени се и разговори за децентрализацијата на културните институции, со тоа што театрите да останат под ингеренции на централната власт.

Конференцијата се одржува во рамките на проектот “Подобрување на општинското управување”, финансиран од Европската Унија, а во имплементација на УНДП.

 

Извор: Министерство за локална самоуправа