МЛС: Се грижиме за учениците и жртвите на семејно насилство

Целосно реконструиран и адаптиран е ученичкиот Дом во Куманово со што се подобрија условите за живот и учење на сто и дваесет ученици.  Во рамките на проектот Домот целосно се прилагоди за учениците со лесна физичка попреченост и се направија пет апартмани за средношколци – со лесна физичка попреченост како и за згрижување на лица жртви на семејно насилство, пожари и поплави.

– За првпат овозможивме упис на максимум 6 ученици средношколци со лесна физичка попреченост. Вкупниот буџет е над 10 милиони денари, а главна цел на проектот е подобрување и осовременување на досегашните услуги и услови за целодневен престој на корисниците во Ученичкиот дом ,,Професор Мијалковиќ’’, Куманово како и воведување на нови услуги кои не постојат во регионот, а се однесуваат на згрижување на ученици со лесна физичка попреченост кои се во состојба да следат редовна средношколска настава и згрижување и целосен психофизички третман на жртви на семејно насилство и жртви од пожари и поплави кои се повремени корисници на услугите на Ученичкиот Дом, рече министерот за локална самоуправа Горан Милевски.

Тој појасни дека за реализација на проектот направена е реконструкција и адаптација на Ученичкиот дом која опфаќа инфраструктурно уредување на просторот, приспособување на пристап за лица со посебни потреби, поставување на пристапна рампа и лифткар- гасеничар, прилагодување на дел од собите, односно изведба на тоалети приспособени за користење на лица со посебни потреби, промена на прозорци, врати и промена на фасада, преуредување на заеднички простории, сала за пинг-понг и прилагодување за користење за повеќе намени кои се во интерес на учениците како што е простор за регионални состаноци, обуки, семинари на коишто ќе има инфраструктурна пристапност и за лица со физичка попреченост.

– Социјалната инклузија е една од темите што, за жал, често се занемарува. Сепак, тоа е една од клучните швајцарски вредности со мотото „Никого не оставајте изоставен“, што е една од целите на ООН за одржлив развој. Затоа, социјалната инклузија како тема е вклучена во сите проекти финансирани од Швајцарската агенција за развој и соработка, впрочем тоа беше тема на овогодинешниот повик за грантови за инвестиции во рамките на Проектот за одржлив и рамномерен регионален развој. Многу сум среќна што сум денеска во Ученичкиот дом „Професор Мијалковиќ“ и ја гледам посветеноста на тимот да ги отвори вратите за жртвите на семејно насилство и природни опасности, како и да го направи достапен за студентите со попреченост, вели амбасадорката на Швајцарија, Сибил Зутер.

Таа вели дека овој проект е само мал чекор кон постигнување кохезија во општеството, но сепак треба да послужи како пример за владата и локалните власти во подготовката на идните проекти и програми, секогаш да се земат предвид потребите на социјално исклучените луѓе.

– Задоволен сум од она што ни беше презентирано од страна на директорката на домот  така што овие средства се успешно инвестирани во нашиот град, за подобрување на условите за живот на лицата кои што го завршуваат воспитно образовниот процес во нашата општина, а живеат во целиот регион и конкретно учат во средните училишта во општина Куманово. Посакувам уште вакви успешни проекти и секако честитки до реализаторот на проектот, имплементаторот и изведувачот, истакна градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски.

Директорката на домот се заблагодари на сите кои вложија напори за домот повторно да добие нов лик.

– Ова донација како институција многу ни значи за да ги подобриме условите за живот и вршење воспитно образовна работа на учениците кои што доаѓаат од целиот Североисточен регион. На овој начин учениците ќе можат да се чувствуваат како дома, ќе имаат подобри услови и со тоа ќе се зголеми нивниот број и продуктивност. Се надевам дека вакви проекти ќе има уште, како за нашиот град, така и за другите општини во републикава, рече за крај директорката на домот, Љубица Павловски.

Извор: Министерство за локална самоуправа