МЛС: Заменикот министер Павлески учествуваше на научно-стручна расправа

Заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески, на ден 23.05.2019 година учествуваше на научно-стручната расправа на тема „Институционална поддршка на регионалниот развој во Република Северна Македонија – со посебен осврт на центрите за развој на планските региони“ која се одржа во просториите на Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања (ИСППИ) при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”- Скопје. На настанот беше промовирана и студијата „Институционална поддршка на регионалниот развој во Република Македонија (2018)“.

Заменикот министер Павлески ја нагласи самоиницијативноста на Институтот за социолошки и политичко – правни истражувања во реализацијата на оваа исклучително важна студија за периодот кој што претстои, особено сега кога треба да се донесе нова десетгодишна стратегија за рамномерен регионален развој, а истотака планирана е и измена на Законот за рамномерен регионален развој.

Исто така тој истакна дека „Владата посветено и темелно работи на проблематиката на рамномерен регионален развој и во таа насока и сите капитални инвестиции што досега се случуваат (градинки, училишта, патишта, железници, водоводи, канализации и останата инфраструктура) се води сметка да бидат изведувани во сите региони на целата територија на државата“. Во однос на пристапувањето кон ЕУ, Павлески додаде „цврсто сме убедени дека пристапувањето на нашата држава во ЕУ, покрај демократизацијата и нормализацијата на нашето општество, многу повеќе ќе донесе развој, напредок и просперитет на сите граѓани, на целата територија на Републиката.“

Настанот го отвори в.д директорот на Институтот, д-р Бојана Наумовска, која истакна дека „студијата ги анализира различните димензии и аспекти на институционалната поддршка, организацијата и делувањето на Центрите за развој на планските региони, како релевантни институции надлежни за имплементација на Стратегијата за регионален развој на Република Северна Македонија, 2009-2019 год“.

На настанот присуствуваше и г-дин Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој кој се осврна на предизвиците со кои се соочува ресорното министерство вклучувајќи го и Бирото.

Покрај споменатите, на научно-стручната расправа со свои дискусии се вклучија и раководителите на Центрите за развој на Скопскиот, Југозападниот, Источниот и Вардарскиот плански регион и претставникот на МЛС, Славица Јакимовска раководител на Секторот за рамномерен регионален развој.

Извор: Министерство за локална самоуправа