МНР: Димитров на ратификацијата на Пристапниот протокол во полскиот Сенат

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на ден 11.04.2019 година  во Варшава, присуствуваше на седницата на Сенатот на Република Полска, на која беше изгласана согласност за Законот за ратификација на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија кон НАТО.

По минатонеделното гласање во полскиот Сејм, со согласност во Сенатот, Полска и формално го заврши процесот на ратификација на Пристапниот протокол, како 11-та по ред од земјите-членки на НАТО.

По присуството на седницата, МНР Димитров беше примен во куртоазна средба од страна на Маршалот на Сенатот на Република Полска, Станислав Карчевски.

На средбата беа потврдени пријателските односи меѓу двете земји и се разговараше за можностите за интензивирање на парламентарната соработка.

МНР Димитров изјави: „Благодарни сме на Полска, која оваа година одбележува 20 години од пристапувањето во Алијансата и 15 години од зачленувањето во Европската унија, што континуирано ги поддржува нашите  напори за реализација на стратешките определби за интегрирање во ЕУ и НАТО.  Длабоко сме уверени дека таквата поддршка и партнерство ќе продолжат и во иднина.”

Во Претседателската палата, во рамките на министерскиот состанок на МНР за Берлински процес, МНР Димитров  учествуваше на работна вечера под покровителство на Претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, а на која ќе се зборува за младите од Западен Балкан и предизвиците со кои тие се соочуваат, во контекст на Европската унија. 

Министерот Димитров  учествуваше на подготвителниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите учеснички во Берлинскиот процес.

Состанокот беше предвиден како подготовка на шестиот Самит на Берлинскиот процес, кој оваа година се ќе одржи на 5-ти јули во Познан, а целта е  осврт на земјите учеснички во Процесот кон она што е постигнато во изминатата година, идентификувајќи ги достигнувањата, предизвиците и можностите за земјите од Западен Балкан.


Во рамки на трите предвидени сесии, Министрите за надворешни работи имаат можност да ги споделат своите ставови и искуства во однос на продлабочување на регионалната соработка и решавање на отворените билатерални прашања, проширување на областите на соработка на младите од регионот, со акцент на Регионалната канцеларија за млади (RYCO), како и за очекувањата во поглед на придобивките од Самитот во Познан.
 
На постојниот формат на земјите од ЗБ6 и земјите-членки на ЕУ кои досега беа дел од Процесот (Германија, Австрија, Франција, Италија, Обединетото Кралство, Полска, Хрватска и Словенија), годинава им се придружуваат и Бугарија и Грција.
 

Извор: Министерство за надворешни работи