МНР: Османи ја претстави мандатната мисија на Надворешната политика

На прес конференција Османи потенцираше пет приоритети кои ги посочи како носечки за неговиот мандат како Министер за надворешни работи и предводник на дипломатијата во наредниот период.

Како прв, и најважен приоритет Османи ги посочи добрососедските односи, за кои посочи дека покрај имплементацијата на билатералните обврски, влегуваат во нова фаза на долгорочно и стабилно пријателство.

„Наш прв приоритет се добрососедските односи, кои влегуваат во нова фаза од нашиот севкупен политички и општествен развој. Додека бев во Вицепремиер за европски прашања користев една изрека која во Секретаријатот за европски прашања, која беше испишана на едно пано на сите јазици на соседите – ‘Убаво е да имаш добри соседи, но вистинска победа е да ги имаш за пријатели’. Денес, откако практично ги затворивме, или можеби подобар – поактуелен термин би било ‘ги врамивме’ сите отворени прашања со соседите, пред нас се отвора предизвикот да го преминеме скалилото на добрососедство, и да ги отвориме можностите на длабоко и долгорочно пријателство.“, посочи Османи. Во рамките на презентација на овој приоритет Османи се осврна и на актуелните предизвици со Република Бугарија, за кои посочи дека иако делуваат жестоко, тие се надмининливи токму поради врамувањето на билатералните односи во рамка која е содржана во Договорот за добрососедство потпишан меѓу двете земји.

Османи наброја неколку конкретни проекти кои се однесуваат токму во развојот на добрососедските односи

–              Во соработка со надлежните институции и Владата, да ја реализираме амбицијата за отворање шест нови гранични премини со соседите

–              формирање канцеларии за младинска соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, кои ќе овозможат размена на искуства и поврзување на младите од двете земји

–              Силна посветеност кон суштински придонес на Берлинскиот процес, како проект кој треба да се реализира во првите 100 дена од новата Влада, во рамките на заедничкото ко-претседавање со Самитот во Софија на 10 ноември.

Покрај односите со соседите, како втор приоритет Османи посочи и на регионалната обврска на земјата за создавање долгорочна стабилност и де-балканизација на регионот.

„Како земја на која меѓународната заедница ѝ посвети многу внимание изминатиов период, ние имаме обврска да вратиме со позитивен придонес и во создавањето на севкупната регионална стабилност. Во регионот сè уште има отворени прашања кои нè засегаат сите нас, а претставуваат и важен меѓународен приоритет. Ние мора да преземеме обврска дека ќе бидеме стабилни партнери на Европската Унија и САД на Балканот, земја на која можат да се потпрат во имплементацијата и промоцијата на регионалната стабилност. За таа цел, покрај активниот придонес во регионалните иницијативи, предвидуваме создавање и на наша автентична иницијатива – Регионален центар за дијалог – ‘Преспа форум’, кој ќе биде платформа за добрососедство и решавање на билатералните прашања, но и форум од каде ќе произлезат нови инцијативи за регионална соработка.“ посочи Османи, кој додаде дека како успешна приказна, и како главен промотор на европската идеја, земјата ќе преземе иницијатива за процесот на Де-Балканизација на регионот, како суштински придонес во отстранувањето на овој пејоративен термин наменет за негативниот контекст што регионот го емитира во историски контекст.

Како посебен приоритет Османи посочи и на оформувањето на преговарачката рамка и стартот на преговорите, а ги претстави и приоритетите на Надворешната политика во рамките на самиот процес на преговори

„Во првите 100 дена фокусот на надворешната политика е заокружувањето на преговарачката рамка и одржување на првата меѓувладина конференција, или формалниот старт на преговорите. За тоа се ставени сите капацитети во погон, и дозволете да изразам задоволство од работата на нашите дипломати, на нашите претставници, кои во ниту еден момент не дозволија нашата приказна да остане неискажана, аргументите необјаснети. Но нашите односи со Унијата не завршуваат со почетокот на преговорите. Новата методологија за преговори предвидува засилено билатерално присуство и надзор не само на Европската Комисија, туку и на секоја земја – членка посебно. Една од клучните промени во е токму политичкото водство, предводење на процесот на преговори, каде најголемиот товар паѓа врз Министерството за надворешни работи. Иако формално, на маса, преговорите се одвиваат меѓу Владата и Европската Комисија, сепак одлуките автономно ги носат земјите – членки на Унијата, за што е потребна широка мрежа на присуство и активности со цел политичко присуство и во самите преговори. Во рамите на овој процес, ние ќе воспоставиме систем на еден вид рано предупредување за можните критички точки во преговорите – како во Брисел, така и меѓу земјите – членки, со што на Вадата ќе ѝ обезбедиме простор за навремено антиципирање на предизвиците во самите преговори.“ посочи Османи.

Османи ја потенцираше и економската дипломатија како дополнителен приоритет на надворешната политика во претстојниот период

„Во претстојниот мандат Министерството за надворешни работи ќе добие и една попрактична, повидлива, еве да кажеме и директно поисплатлива улога во севкупната државна политика. Како што знаете, интенцијата на новата Влада е овој мандат да биде посветен на економијата, на економскиот раст, и вистински момент е Дипломатијата да ја обнови, да ја засили и да ја стави во функција економската дипломатија. Тоа е важен елемент во создавањето услови за поголема економска соработка со земјите, за привлекување странски инвестиции, како и за поквалитетен пристап и учество во мултилатералните економски институции и организации. Во Министерството веќе се работи на оформување на проектот за ревитализација на економската дипломатија, и во текот на првите 100 дена ќе излеземе со предлог до Владата за реализација на оваа идеја “, истакна Османи, посочувајќи и на конкретни проекти како што се: Националната стратегија за соработка со дијаспората; воспоставување на мрежа на наши успешни државјани во странство кои ќе се вклучат во промоција на државата; таргетирана промоција на економските, културните и туристичките потенцијали „Земја на можности“, како и активен придонес во оформувањето на стратегија за поефикасно искористување на потенцијалите за билатералната помош од нашите меѓународни пријатели

Османи како последен, но еднакво важен приоритет, посочи и на активната поддршка на мултилатерализмот, подигнување на присуството во мултилатералните организации, како придонес кон светската стабилност и градење на меѓународната позиција и углед на Северна Македонија.

„Членството во НАТО и почетокот на преговорите се и пресвртна точка за меѓународната позиција на земјата, точка од која земјата понатаму има обврска да преземе поодговорна улога во меѓународните односи, рамо до рамо со своите сојузници и партнери. Тоа бара квалитативно нов ангажман на македонската дипломатија во меѓународните организации. Како што веќе реков, ако досега бевме само увозници на стабилност, отсега ќе треба да покажеме дека можеме да бидеме и извозници на политичката стабилност. Во рамките на мултилатералните организации, како што се пред се Обединетите Нации, ОБСЕ, но и Советот на Европа, УНЕСКО итн., при адресирањето на глобалните предизвици, ние ќе ги претставиме нашите сопствени позитивни искуства, посебно на моделот на меѓуетнички односи и добрососедство кои добија пошироко признание во изминатиот период.“, заклучи Османи.

Извор: Министерство за надворешни работи