MНР: Предавање копии на акредитивните писма од новоименуваниот вонреден амбасадор на Црна Гора

Денес, 22 април 2019 година, министерот за надворешни работи, Никола Димитров го прими новиот амбасадор на Црна Гора, Марија Петровиќ, која ги предаде копиите на акредитивните писма за нејзиното именување за вонреден и ополномоштен амбасадор на Црна Гора во Република Северна Македонија.

Соговорниците разменија мислења за најважните области на билатералната соработка. Заемно беа потврдени пријателските односи помеѓу двете земји, а се разговараше и за можностите за нивно унапредување, особено во доменот на економијата и инфраструктурната поврзаност.

Министерот  Димитров изрази благодарност за силната поддршка од Црна Гора за полноправното членство на нашата држава во ЕУ и НАТО, како и за брзата ратификација на пристапниот протокол за членство во Северно-атлантскиот сојуз. Притоа, нагласи дека Северна Македонија очекува валоризација на постигнатите успеси, констатирајќи дека следните месеци се клучни, во контекст на обата интеграциски процеси.

Според Амбасадорот Петровиќ, членството на Република Северна Македонија во НАТО и ЕУ останува високо на политичката агенда на Црна Гора. „Се надеваме дека европскиот пат на Северна Македонија, ќе биде исто така успешен како и нејзиниот евро-атлантски пат“, изјави таа.

МНР Димитров ѝ посака добредојде и успешна дипломатска мисија во Република Северна Македонија.

Извор: Министерство за надворешни работи