МОН: Учениците ќе учат да размислуваат и да носат заклучоци врз основа на анализа и факти

Министерката за образование и наука Мила Царовска денес учествуваше на панел дискусија организирана  од „Фајнанс тинк“ на тема социо-економското влијание од Ковид-19 во Северна Македонија. Министерката во обраќањето истакна дека образованието во цел свет, па и кај нас се покажа дека не е имуно на пандемијата, но таа пак беше причина да се забрзаат процесите на дигитализација. Сепак со  воспоставување на хибридниот модел во кој се вклучени настава со физичко присуство, онлајн настава и емитување часови на телевизија успеавме да обезбедиме континуитет во наставата и успешно да го завршиме првото полугодие од оваа учебна година.

„Пандемијата само ги забрза процесите на дигитализација на образованието и нé потсети колку ни е важно да имаме дигитализирано и реформирано образование. Со новата концепција за првпат нудиме образование коешто е инклузивно, со коешто училиштата ќе станат места кадешто учениците ќе научат да учат, ќе постигнат личен развој и ќе ги поттикнеме да размислуваат и да носат заклучоци врз основа на анализа и факти. Со оваа образовна концепција ќе создадеме идни генерации коишто ќе знаат да одговорат и да ги решаваат секојдневните предизвици, со знаењето стекнато во училиште, но и ќе знаат да одговорат на работните места коишто допрва ќе се создаваат во иднината“, рече Царовска.

Во оваа панел дискусија учествуваа и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани и  Џихан Тавилах, претставник на Светска здравствена организација.

Извор: Министерство за образование и наука