МОН: Заедно со компаниите ги утврдуваме потребни профили за средното стручно образование

Преку овој карван на социјални дијалози под мотото „учи паметно, работи стручно“, заедно со училиштата, општините и компаниите утврдуваме кои се профилите кои што се потребни на пазарот на труд за да се отворат во учебната 2021/2022 година. Сметаме дека училиштата можат и се флексибилни да ги прилагодат програмите заедно со Центарот за средно стручно образование, врз основа на она што го побаруваат компаниите или да ги организираат профилите во еден за да имаме соодветен број на ученици во истите, но од друга страна компаниите да ги отворат вратите за праксата и феријалната и онаа училишната да се спроведува во самите компании, заради опремата која што тие ја имаат е најсовремена, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска на средбата со претставници на локалната власт во Гостивар, средните стручни училишта и компаниите, на која присуствуваа и заменик министерот за образование и наука Арафат Шабани и градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари.

Вака во самиот процес на образование, рече Царовска, учениците ќе бидат директно остручени и подготвени за пазарот на труд.

„На овој начин овозможуваме поголема вработливост. Но, од друга страна не само што ги усогласуваме профилите и програмите согласно потребите, туку Министерството за образование наука од следната учебна година, ќе стипендира профили кои што се утврдиле како значајни и важни за реалниот сектор преку овие дебати. Очекувам успех и конкурсот кој ќе се објави оваа година и за гимназиите и за средните стручни училишта ќе биде прилагоден на локалните потреби“, изјави Царовска.

Дриљон Исеини, претставник на Стопанската комора на Северозападна Македонија, истакна дека иако со години се зборувало за ваква соработка, досега овој дијалог не дал конкретни резултати.

„За среќа овој пат ова раководство во Министерството за образование и наука сака да го изведе овој процес кој е доста комплициран. Бизнис секторот е подготвен да ги понуди сите свои капацитети. Денес сме тука да алармираме за стручното образование и се надевам дека дебатата ќе продолжи и по оваа средба“, изјави Исени.

Градоначалникот на Општина Гостивар Арбен Таравари рече дека дебатите се многу важни за општеството, особено кога се работи за образованието и средните стручни училишта.

„Во Гостивар конкретно има три стручни училишта: средното техничко, средното економско и средното медицинско училиште. Во нашето општество генерално има еден парадокс кој не може да се објасни. Имаме многу луѓе кои чекаат во Заводот за вработување, а од друга страна имаме побарувачка од компаниите дека не можат да најдат луѓе кои што им се прикладни за да ги вработат. Зошто се случува тоа, најверојатно е така бидејќи средно стручно образование не е како што треба. Многу го ценам ова што го прави Министерството за образование и наука, односно се земаат во предвид размислувањата од средните стручни училишта, но и од компаниите. Се надевам дека ова ќе има добар фидбек за нив, за да во иднина се реформира средното стручно образование онака како што треба, изјави Таравари.

Извор: Министерство за образование и наука