МТПС: Справување со неформалното вработување: Mоментална состојба и идни чекори”

Заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар присуствуваше на работилница на тема ,,Справување со неформалното вработување во Република Северна Македонија: моментална состојба и идни чекори”, на кој се  дискутираше за дијагностичкиот извештај за неформалната економија и неформалното вработување во Република Северна Македонија, подготвен од Советот за регионална соработка и Европската Комисија при што во своето воведно обраќање им се заблагодари за досегашната поддршка која ја даваат на Министерството за труд и социјална политика.

Бајрактар рече дека Владата ова прашање го постави како еден од своите водечки приоритети бидејќи е свесна за комплексноста на прашањето и за справувањето со неформалното вработување бидејќи тоа води кон нелојална конкуренција, ја попречува ефикасната распределба на државните и приватните ресурси и ги намалува даночните приходи.

Непријавената работа доведува до намалување на работната сигурност и безбедноста при работа, а пониските плати поврзани со неа, може да доведат до нееднаквости и сиромаштија.

„Од  овие причини, Владата се одлучи за системски пристап за намалување на неформалната економија во државата, и во 2017 година се пристапи кон подготовка на Стратегија за формализација на неформалната работа при што се имаше во предвид дека политиките кои се спроведуваа во изминатиот период за намалување и формализација на неформалната економија, преку комбиниран пристап на казни и на стимулации и во нашата земја, не се ефикасен инструмент за намалување на неформалната економија. Затоа се пристапи и кон креирање на мерки поврзани со даночната политика, мерки за зголемување на даночниот морал, реформа на даночната администрација – од извршител, кон сервис на даночните обврзници”, рече заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар .

Главна цел на Стратегијата е да се постигне намалување на неформално вработените, намалување на уделот на нерегистрираните деловни субјекти и неформалните активности во рамките на формалната економија.

Комплексноста и хетерогеноста на проблемот на неформалната економија бараат мултисекторски пристап, за што Владата во 2018 година формираше Координативното тело одговорно за координирање и следење на спроведувањето на Стратегијата. Координативното тело во насока на операционализација на Стратегијата, подготви и Акциски план кој треба да се имплементира до 2020 година, и во кој се содржани 29 мерки, поделени во четири дела и во функција на остварување на стратешките цели на Стратегијата.

Имајќи ја во предвид комплексноста на прашањето, поставените цели, а согласно тоа и планираните активности кои треба да се спроведат за справување со овој многу сложен проблем и предизвик, Министерството за труд и социјална политика побара поддршка од Европската Комисија за имплементација на дел од активностите предвидени во Акцискиот план, поддршка во рамки на ИПА – Инструментот на ЕУ за претпристапна помош. Барањето беше прифатено, и во наредните години, во соработка со експерти од Европската Унија, се очекува да се зајакнат капацитетите и да се имплементираат планираните активности со цел воспоставување на систем за следење на неформалната економија, развивање на алатки кои што ги олеснуваат процедурите за инспекција за превенција на непријавена работа, дизајнирање на систем базиран на ваучери или еквивалентни механизми кои што промовираат подобри работни услови, како и спроведување на активности за подигнување на свеста за придобивките од транзицијата кон формалноста.

Извор: Министерство за  труд и социјална политика