МТСП: Градинката „Јаболче“ е пример за концептот „Едно општество за сите“

Претседателот на Владата Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, заедно со градоначалникот на општина Ресен, Живко Гошаревски, денеска ја отворија новата градинка „Јаболче”.

Како што истакна премиерот Заев, Владата продолжува да ги зголемува капацитетите на градинките во целата држава и да вложува во развојот на децата уште од најрана возраст.https://youtube.com/embed/HSvgmWrLDmQ

„Високо на агендата на Владата е да обезбеди услови за правилен детски развој. Тоа е возможно да го постигнеме со проширување на капацитетите на градинките, со отворање нови на целата територија на нашата држава, но и со надградба на компетенциите на кадарот, кој има одговорна задача во процесот на градење на личноста на идните наши генерации. Со таа цел, во периодот од 2017-та до 2020-та година отворивме и проширивме капацитети на 63 објекти низ целата држава. На овој начин обезбедено е згрижување на 3.386 деца. Само во последните три месеци, отворени се пет нови градинки во Гостивар, Сарај, Илинден, Лозово, Брвеница, еве денеска и Ресен, со што е зголемен опфатот за 415 места. До крајот на годината ќе се отворат и градинките во Куманово, Боговиње,  Босилово и с. Прдејци – Гевгелија  со што ќе се зголеми капацитетот за уште 189 деца“, рече премерот Заев.

Министерката Шахпаска, се осврна на заложбите на Министерството за труд и социјална политика за изградба на градинки кои ги следат сите стандарди за правилен детски развој.

„Денеска ја отвораме шестата нова градинка од почетокот на мандатот на оваа Влада. Новиот објект „Јаболче“ при Јавната установа за згрижување на деца 11 Септември, ќе згрижи 102 деца организирани во 5 групи. Оваа градинка е пример за концептот „Едно општество за сите“, затоа што тука заедно ќе бидат згрижени деца од македонска, албанска и турска етничка заедница. Во особено кратко време, за само 10 месеци, од руиниран и запуштен објект на некогашно училиште, успеавме преку целосна реконструкција и адаптација да направиме еден прекрасен објект, кој притоа ги задоволува стандардите за енергетска ефикасност и има систем на еколошко греење. За целиот проект Министерството за труд и социјална политика, инвестираше околу 29 милиони денари, во градежниот дел и во опремување на градинката. При проектирање на самиот објект особено е посветено внимание  за пристапност до објектот која е обезбедена  преку пешачки патеки и рампи за совладување на висинските разлики и непречен пристап на лицата со попреченост“, заклучи министерката Шахпаска.

Градоначалникот на општина Ресен, се осврна на важноста од овој објект за градот.

„Овој објект претставува капитален проект, којшто е од огромна важност за нашата мала општина и сме навистина горди на него. Владата и ние како локална власт, се грижиме за нашите најмлади, обезбедуваме квалитетни услови за ран детски развој, а со тоа создаваме еднакви можности за сите деца и им овозможуваме во целост да ги искористат своите потенцијали. Изградивме градинка, според европски и светски стандарди, онакви во какви што нашите деца треба да растат,  да се развиваат и да учат”, истакна Гошаревски.

„Грижата за секое дете е  врвен приоритет на Владата. Секое дете заслужува еднаква основа и услови за развој, и затоа продолжува вложувањето во нови капацитети за згрижување на деца во предучилишно воспитание и образование, како и во стручен и одговорен кадар кој ќе обезбеди квалитетно предучилишно воспитание и правилен детски развој“, беше речено на свеченоста по повод отворањето на новата градинка „Јаболче“ во Ресен.


Заев: Високо на Агендата на Владата е проширување на капацитетите за обезбедување услови за правилен детски развој од најрана возраст

Премиерот Заев заедно со министерката за труд и социјална политика Јагода Шaхпаска и градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски присуствуваа на отворање на нова градинка, изградена по најсовремени стандарди во оваа Општина.

Во продолжение интегралниот текст од изјавата на премиерот Заев:

„Денеска сме дојдени во Ресен за убава работа. Отвораме нова градинка, изградена по најсовремени стандарди, за да биде место каде најмладите од Ресен, ќе поминуваат време исполнето со безгрижна игра и едукација.

Високо на агендата на Владата е да обезбеди услови за правилен детски развој од најрана возраст. Тоа е возможно да го постигнеме со проширување на капацитетите на градинките, со отворање нови на целата територија на нашата држава, но и со надградба на компетенциите на кадарот, кој има одговорна задача во процесот на градење на личноста на идните наши генерации.

Со таа цел, во периодот од 2017-та до 2020-та година отворивме и проширивме капацитети на 63 објекти низ целата држава. На овој начин обезбедено е згрижување на 3.386 деца.

Само во последните три месеци, отворени се пет нови градинки во Гостивар, Сарај, Илинден, Лозово, Брвеница, еве денеска и Ресен, со што е зголемен опфатот за 415 места.

До крајот на годината ќе се отворат и градинките во Куманово, Боговиње,  Босилово и с. Прдејци – Гевгелија  со што ќе се зголеми капацитетот за уште 189 деца.

Дополнително, Владата и Министерството за труд и социјална политика, е партнер и поддржувач и на иницијативите за приватни детски градинки, па затоа дадовме решение на 15 приватни градинки кои ги исполнуваат стандардите за работа.

Градинката Јаболче, што од денеска почнува со работа во Ресен, има капацитет да згрижи 102 деца, и на тој начин од една страна ќе придонесе кон квалитетен развој на овие деца, а од друга страна  претставува голема помош за родителите, кои можат да бидат спокојни додека ги извршуваат секојдневните работни обврски, знаејќи дека нивните најмили се на сигурно.

Ресенчани се сеќаваат каква руина беше овој објект. Сега е навистина задоволство да се види како прерасна во објект целосно адаптиран на потребите, а постигнат е и висок ефект во поглед на енергетски ефикасен објект, за кој за градежниот дел беа обезбедени 22,1 милион  денари и уште 6,8 милиони денари за опремување.

Почитувани,

Пандемијата со Ковид-19, е предизвик со кој се соочуваме секојдневно во сите аспекти од нашето живеење. Отворањето и функционирањето на градинките во овој период беше сериозен процес, кој можам одговорно да кажам дека успеваме успешно да го менаџираме. Обезбеден е неопходниот кадар за нормално функционирање, се почитуваат сите протоколи и се прават редовни контроли и надзори. Уверен сум дека таков ќе биде случајот и тука.

Посакувам успешна работа на оваа градинка, постојано да биде полна со детски џагор и од овде да произлезат нашите идни научници, професори, писатели, доктори, со кои ние како држава ќе се гордееме“.

Извор: Влада