МТСП: Недела треба да биде неработен ден за доминантниот број на работници

Економско-социјалниот совет на седница, со која претседаваше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, дискутираше за драфт верзијата на измените на Законот за работни односи, кои предвидуваат денот недела да биде неработен ден.

Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи го подготви Министерството за труд и социјална политика, по што следуваше интензивна дебата со работниците, но и со работодавачите.

„Дебатата што се одвиваше изминатиот период навистина беше опсежна и дава значаен придонес во подготовката на конечното законско решение, преку кое ќе се овозможи денот недела да биде неработен ден. Идејата на Владата и на Министерството за труд и социјална политика е да создадат услови поголемиот дел од работниците да можат денот недела да го поминуваат со семејството, како основна клетка на едно функционално општество“, нагласи министерката Шахпаска.

Таа нагласи дека законското решение мора да биде конципирано на тој начин за да обезбеди ефикасно функционирање на системот, при што оние работници кои работат во дејности кои не се неопходни да работат во континуитет, во недела да не работат.

„Во центарот на вниманието нас ни се работниците. Но, исклучоци мора да има и затоа сме претпазливи затоа што не смееме виталните функции на државата да ги ограничиме“, објасни министерката Шахпаска.

Претставниците на работодавачите и на работниците ги изнесоа своите ставови околу законското решение, за кое, како што нагласија, добро е што има широка општествена дебата.

На седницата на ЕСС, иако се членови, не присуствуваа претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ).

Извор: Министерство за труд и социјална политика