МТСП: Врвен приоритет е унапредување на услугите и вклученоста во општетството на глувите и наглувите лица

Mинистерките за образобвание и наука и за труд и социјална политика, Мила Царовска и Јагода Шахпаска учествуваа на дебата „Образованието кај глувите лица и застапеноста на знаковниот јазик во нашата држава“, организирана од Сојузот на Глуви и наглуви лица по повод 23 септември- Интернационалниот ден на знаковниот јазик.

Двете минстерки на настанот порачаа дека нивен врвен приоритет е продолжувањето на успешната соработка со Сојузот, но и креирањето на политики коишто ќе ги унапредат услугите и вклученоста на овие лица во општеството.

„Денес зборуваме за унапредување на знаковниот јазик во нашата држава. Како Министерка за образование имам предизвици коишто се однесуваат на подобрување на образовниот ситем за глувите и наглувите лица, но и создавање подобри услови во образованието на овие лица. Она на што ќе работиме заедно со Сојузот е да ги создаваме потребните толкувачи.

Во овој процес секако ќе бидат вклучени и високообразовните институции коишто преку квалитетни студии ќе го обноват кадарот“, рече министерката Царовска.Министерката за труд и социјална политика Шахпаска истакна дека градењето општество кое нуди еднакви можности за сите и целосна инклузивност на лицата со попреченост се определба на владата и на министерството.

„За мене како Министер за труд и социјална политика од исклучително значење се условите ги имаат лицата со одредена попреченост за нивна целосна инклузија во општеството, особено по завршувањето на формалното образование. Нам ни треба општество кое и во јавниот и во реалниот сектор ќе создаде услови за целосна интеграција на сите лица.

Затоа што придонесот што секој може да го даде за развој и напредок на општеството е бесценет“, истакна Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска. Како особено значаен проект преку кои се овозможува поголема вклученост и поддршка на лицата со попреченост, министерката Шахпаска го посочи проектот „ Call Centar“ , бидејќи преку него се ажурира мобилна апликација која овозможува глувите лица да добиваат одредени услуги и информации, како услуги во банка, аптека и слично.

Преку Министерството за труд и социјална политика, а во соработка со здруженија и граѓански организации се реализираат и други проекти со коишто се обезбедува поголема и континуирана вклученост на глувите и наглувите лица.

Извор: Министерство за труд и социјална политика