МТСП: ЗМТСП Бајрактар во Брисел

Социјална политика и вработување, е тема на Објаснувачкиот состанок за Правото на Европската унија со Албанија и Северна Македонија кој се одржува во Брисел, а на кој свое учество зеде и заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.

Едно исклучително значајно Поглавје кое се однесува на теми и прашања поврзани со зголемувањето на вработеноста, подобрувањето на работните услови, но и на условите за живот на граѓаните, промовирањето и поттикнувањето на активен и ефикасен дијалог со социјалните партнери, развој на човечките ресурси, како предуслов за обезбедување на оддржливо вработување. Поглавје кое зборува за воспоставувањето на механизми за социјална заштита, борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост, обезбедувањето на еднакви можности за мажите и жените, како и борбата против дискриминацијата по сите основи. 

Заменикот Бајрактар даде краток преглед на некои од клучните достигнувања во областите опфатени со ова Поглавје.Во однос на трудовото право, процесот на усогласување на националното законодавство е отпочнат пред повеќе од десетина години и во моментот во тек е процесот на ревидирање и подобрување на постоечката легислатива. Во областа на безбедноста и здравјето при работа, во изминатиот период воспоставена е добра основа, како во однос на законодавната рамка, така и во делот на главните административни капацитети, за спроведување на законодавството на Европската унија во овој дел. 

Во областа на вработувањето, беше изготвена Програма за реформи во вработувањето и социјалната политика во согласност со моделот на Стратегијата „Европа 2020″. 

„Покрај тоа, справувањето со среднорочните и долгорочните предизвици на пазарот на трудот е опфатено и во повеќе други национални стратешки и оперативни документи како што се: Националната стратегија за вработување, Акцискиот план за вработување на млади, Стратегијата за формализација на неформалната економија, како и годишните Оперативни планови за активни програми и мерки за вработување. Нашата земја е прва во регионот која ја воведе и ја пилотира Програма за Гаранција за млади која ги таргетира младите невработени лица, и повторно, во согласност со соодветната иницијатива имплементирана од страна на земјите-членки на ЕУ”, подвлече во своето излагање заменик министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.

Исто така, земјата вложува сериозни напори во градењето на капацитетите на правната основа на бипартитниот и трипартитниот социјален дијалог, а  воспоставен е и механизмот за мирно решавање на работните спорови. Тој се осврна и на делот на социјалната политика. 

„Градењето на инклузивно и кохезивно општество засновано на еднаквост за сите, е еден од клучните приоритети на оваа Влада. Новите закони за социјална и детска заштита се изготвени и се очекува да бидат донесени од страна на Собранието.  Со нив, меѓу другото ќе се воведе гарантирана минимална помошен и значително ќе се зголемат социјалните трансфери за лицата и семејствата кои живеат во сиромаштија.

Имајќи ги предвид Заедничките европски насоки за премин од институционална, во грижа во рамки на заедницата, со реформата се создава поволна законска рамка за интензивно спроведување на Националната стратегија за деинституционализација 2018-2027 и воспоставување на пристапни социјални услуги во заедниците, кои во центарот ќе го имаат поединецот и кои ќе го зајакнуваат достоинството и целосно ги почитуваат човековите права на корисниците”, истакна Бајракар. 

Реформите дополнително ќе го олеснат процесот на трансформација на институциите и префрлувањето на корисниците во не-институционални форми за грижа и заштита.

Земјата има воспоставено законодавство и политики за еднакви можности меѓу жените и мажите и антидискриминација. Националниот план за акција за родова рамноправност 2018-2020, Планот за родово одговорно буџетирање и Стратегијата за еднаквост и недискриминација даваат основа за вклучување на родовата перспектива во стратешкото планирање. Новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација е целосно усогласен со директивите на ЕУ.

Извор: Министерство за труд и социјална политика