МТВ: Министерот Бочварски се сретна со Рускиот амбасадор Баздникин

Ве информираме дека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски оствари работна средба со Амбасадорот на Руската Федерација во Република Северна Македонија, Сергеј Баздникин.

Mинистерот Бочварски го информираше aмбасадорот Баздникин за инфраструктураните проекти што се реализираат во Република Северна Македонија,  како и за планираните проекти за изградба и модернизација на Коридорот 8 и Коридорот 10 и 10 д.

Посебен акцент на средбата се стави и за проектот за гасификација на земјата, преку изградба на магистралните гасовсни.

„Оваа средба беше одлична можност да го запознаам Амбасадорот со крупните капитални проекти што ги реализираме во нашата држава. Посебен фокус ставивме на изградбата и модернизацијата на патната мрежа на Коридор 8 и 10, железничкото поврзување кон Бугарија, како и изградбата на магистралниот гасовод во земјата. На средбата разговаравме и за можноста за воведување на директни авионски линии меѓу двете земји“ изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

На средбата се разменија мислења и искуства на двете земји во однос на справување со економските предизвици во услови на Ковид кризата.

На крај, министерот изрази благодарност за досегашната соработка на Република Северна Македонија со Руската Федерација и ја нагласи потребата од одржување и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.

Извор: Министерство за транспорт и врски