МТВ: Министерот Бочварски оствари средба со амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер

Ве информираме дека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски оствари работна средба со новоименуваниот амбасадор на Франција во Република Северна Македонија, Н.Е Сирил Бомгартнер.

На средбата министерот Бочварски го информираше Амбасадорот за капиталните проекти што се дел од големиот инвестициски циклус во изградба и унапредување на целокупната инфраструктура во државата.

Министерот ги потенцираше проектите за изградба на железничката линија кон Република Бугарија на Коридор 8. Исто така, Амбасадорот се запозна  и со проектите кои во следниот период се утврдени во Програмата на Владата а се однесуваат на регионалното поврзување преку модернизација на патната инфраструктура, гасификацијата, како и со проектите во комуналната сфера.

„ Ова е наша прва средба со новоименуваниот амбасадор и ја искористив поблиску да го запознам со инфраструктурните проекти како дел од Владината програма 2020-2024 година, динамиката на реализација и нивното значење за регионот. Во разговорот посебен фокус ставив на железничката инфраструктура и проектите поврзани со неа.  Со оглед на тоа дека следната година ни претстои силен инвестициски циклус, упатив отворена покана до сите компании од Франција кои се заинтересирани да ја пријават на јавните повици за овие проекти”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министерот Бочварски упати честитка за избор на Амбасадорот, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во понатамошниот период.

Извор: Министерство за транспорт и врски