МВР: Средба на министерот Спасовски со претседателот на РСБСП

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари работна  средба со претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, г-ѓа  Гордана  Кожуваровска.  

На денешнава средба беа договорени деталите за примопредавање на опремата што РСБСП ја обезбеди за надлежните сообраќајни единици во МВР. 

Со цел зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата,  Републичкиот совет секоја година 30% од средствата  ги наменува за модернизација на уредите и опремата на надлежната организациска единица во Министерството за внатрешни работи која врши контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата.  Согласно тоа, РСБСП обезбеди 15 моторцикли со комплет опрема. 

Министерот Спасовски, изрази задоволство од досегашната соработка  со РСБСП со надеж дека истата и во наредниов период ќе биде интензивирана. Кожуваровска  на состанокот истакна дека соработката на РСБСП и Министерството за внатрешни работи се реализира на високо ниво, потенцирајки дека безбедноста во сообраќајот е врвен заеднички приоритет  и дека со заедничка соработка и со комбинација од превентивни и репресивни мерки се придонесува за намалување на бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди.

Г-ѓа Кожуваровска  во име на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му  додели плакета за успешната соработка и поддршка  во работењето на РСБСП и унапредувањето на безбедноста на патниот сообраќај.

Извор: Министерство за внатрешни работи