МЖПЛ: Се одржа 24-тиот состанокот на советодавниот комитет на Договорот за заштита на популациите на европски лилјаци

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Петровска го отвори 24-тиот состанок на советодавниот комитет на Договорот за заштита на популациите на европски лилјаци (EUROBATS), кој од 1 до 3 април се одржа во Скопје.

Во своето вовeдно обраќање, Петровска ги поздрави научните, истражувачките но воедно и едукативните проекти на Секретаријатот на EUROBATS преку кои договорните страни од Лондонскиот договор, на национални јазици изготвија публикации за заштита на лилјаците и за значењето на заштитата на живеалиштата на лилјаците.

– Вашите резултати се видливи, прифатени и почитувани и затоа ве охрабруваме и ве подржуваме и во иднина да продолжите со вашите активности – истакна Петровска во своето воведно обраќање, додавајќи дека претставници од нашата држава активно учествуваа на сите состаноци на Советодавниот научен комитет и на состаноците на договорните страни, и дека редовно се изготвуваат и се поднесуваат тематски и национални извештаи до Секретаријатот на EUROBATS.

Воведно обраќање имаше и извршниот секретар на лондонски договор при УНЕП Андреас Стреит, кој ја потенцираше важноста на заштитата на лилјаците и останатите видови, за здравјето на Планетата.

Договорот за заштита на лилјаците во Европа е донесен во 1990 година во Лондон, во рамки на Бонската конвенција за заштита на диви миграторни животни при УНЕП. Во 1999 година, нашата држава со закон го ратификуваше Лондонскиот договор, заедно со Бонската конвенција за заштита на диви миграторни видови.

Уште во 1995 година претставници од научната сфера од нашата држава, учествуваа на првиот состанок на EUROBATS во Бристол во 1995 година, на кој беше поднесен и првиот извештај за статусот на лилјаците во нашата држава.

Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *