МЖСПП: Оџаклиеска и Матевски за зонирање и режимот на заштита во заштитени подрачја

Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска завчера, оствари работна средба со академик Владо Матевски на која се дискутираше за зонирање во заштитените подрачја на природата во нашата држава, како и за режимот на заштита во одделните зони.

На средбата, Оџаклиеска и Матевски разговараа за идентификација, зачувување и управување со подрачјата од Емералд мрежата, која се воспоставува на територијата на земјите Договорни страни на Бернската конвенција. Овие подрачја се од посебен интерес за зачувување, затоа што се работи за подрачја со голем и значаен видов диверзитет кои овозможуваат опстанок на засегнати, ендемични и други видови растенија и животни.

Во рамки на состанокот, се разгледуваа и активностите за одржливо управување со подрачјата од европската мрежата Натура 2000 (создадена во 1992 година, по донесувањето на ЕУ Директивите за живеалишта и за птици) клучни за размножување и засолнување на ретките и загрозени видови флора и фауна и на ретки типови на природни живеалишта, коишто се ставени под одредено ниво на заштита. Притоа, акцент беше ставен на дозволените активности во заштитените подрачја, со цел одржливо управување со природата, но и овозможување на одржлив економски развој  на локалното население и стопанствениците во подрачјата кои се под одреден степен на заштита.

Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање