МЗШВ: Исполнување на европските стандарди за уредување на земјоделските пазари

Уредувањето на земјоделските пазари е основа за зголемување на пазарните можности, економскиот развој, како и севкупната продуктивност во земјоделскиот сектор, посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, вчерашната работна сесија на работната група за Земјоделство и рурален развој, организиранa од страна на Националната конвенција за Европска унија во Република Северна Македонија.

Министерот Димковски изјави дека МЗШВ како креатор на политиките вложува огромни напори да го заштити пазарот на земјоделски производи од нарушувања предизвикани од флуктуации на цените и нелојалната конкурентност, со која секојдневно се соочуваат земјоделските производители. Уредувањето на земјоделските пазари е важно за Република Северна Македонија во делот на  исполнување на предусловите и предизвиците во евроинтегративниот процес

„На почетокот на минатата година во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство започна проектот „Воведување и спроведување на мерките за Заедничко уредување на пазарите“ финансиран од Инструментот за претпристапната помош (ИПА) на Европската унија. Конкретно,  со проектот ќе се постигне поврзување на земјоделците со откупувачите, поттикнување на договорното производство преку склучување на цврсти договори, со кои земјоделците ќе бидат сигурни во откупот и цените, а откупувачите во производите што им се потребни. На овој начин ќе се овозможи транспарентност, стабилност, и правичност на пазарите, во интерес на зголемување на конкурентноста на сите учесници поединечно и синџирот во целина“, изјави министерот Димковски.

При тоа, Димковски потенцираше дека реформирањето на секторот земјоделство со воведување и имплементација на сите пазарни стандарди, како и уредување на земјоделските пазари ќе им помогне на институциите и на приватниот сектор во уредување на бараниот сет на национални пазарни стандарди за свежо овошје и зеленчук на внатрешните и извозните пазари на ЕУ.

Националната Стратегија за земјоделство и рурален развој  2014-2020 цврсто ја препознава потребата за надминување на структурните недостатоци, што претставуваат клучна пречка за зголемување на конкурентноста. Имајќи предвид дека преструктуирањето на секторот е една од клучните стратешки цели до 2020 година, Владата на Република Северна Македонија започна со создавање институционална, правна и политичка средина за спроведување на преструктурираните политики.

Извор: Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство