МЗШВ: Подобрена методологија за одржливо управување со рибни ресурси во Западен Балкан

Во просторите на Министертвото за земјоделство, Шумарство и Водостопанство на ден 10.04.2019 година се одржа Национална почетна работилница од Регионалниот проект   “Подобрена методологија за собирање податоци за одржливо управување со рибни ресурси во Западен Балкан”, со што и официјално започнуваат активностите предвидени во проектот во кој учествува и престваници од ФАО г-ѓа Ева Ковач и г-дин Џон Јоргенсен.

Овoj Регионален проект e поддржан од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации  – ФАО, во кој покрај Република Северна Македонија учествуваат и Република Албанија и Црна Гора.

Работилницата го отвори Државниот секретар г-дин Челику кој истакна дека “една од основните цели во областа на рибарството е овозможување на трајно користење на рибите преку одржлив развој. Целта на овој проект е своевидна помош на креаторите на политиката и на сите други засегнати страни во областа на рибарството за олеснување на одржливото користење на рибите преку разгледување на моменталните состојбите во областа на рибарството, проценка на постоечките практики, како и нивен понатамошен развој.”

Фактот што ресурсите од заедничките риболовни води се користат на различен начин, како и недостатокот на точни и унифицирани податоци и информации придонесуваат националните планови за користење на рибите да не го дадат очекуваниот резултат за одржливо користење на ресурсите.

Покрај ова, големо е значењето и за документирање и зачувување на водната генетска биолошка разновидност во риболовот во националните риболовни води.

Со проектот очекуваме да се воспостави соодветна методологија, да се овозможи добивање на стандардизирани и споредливи национални бази на податоци, кои натаму ќе може да се користат за изработка, усвојување и реализирање на национални и подрегионални планови за управување со ресурсите во согласност со пристапот базиран на одржливо рибарство.

Со тоа, ќе се направи уште еден чекор натаму во прилагодувањето на  европските барања за рибарството.

Извор: Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство