НАЕОПМ: Грантови за Студентска мобилност од 2,4 милиони евра – ЕРАЗМУС+ програма на високообразовни институции

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност организираше конференција на тема  ”Како да се зборува со младите генерации” и свечено потпишување на договорите за грантови за студентска мобилност од Еразмус+ програмата со високообразовните институции во РС Македонија во висина од 2,4 милиони евра за академската 2020/2021 година.

На конференцијата која беше организирана со целосно почитување на сите протоколи за заштита на здравјето согласно препораките од владата, беа присутни претставници од високообразовните институции, ректори, директори, претставници на студентските организации, а на истата свое обраќање имаше директорот на НА, м-р Марко Ѓоргиевски.

Во своето обраќање директорот на НА ја потенцираше соработката со високообразовните институции и нивното значење во образовните процеси во нашата држава. Следува период во пресрет на новата европска Еразмус+ програма 2021-2027 година во која РС Македонија како програмска земја ќе добие зголемување на буџетот за мобилности. Беше истакнато верување дека со заеднички напори со високообразовните институции, НА ќе ги искористи сите расположливи капацитети во искористување на можностите што ги носи програмата.

Зголемувањето на бројот на мобилности од студенти и наставен кадар надвор, но и во земјата е наш приоритет што носи вистинска можност за подобрување на капацитетите во образовните процеси, број кој континуирано се зголемува од година во година.

Присутните ја истакнаа заедничката констатација за целосна вложеност во унапредување на квалитетот на образовните процеси и носење на Европа дома.

Дополнително на конференцијата свои презентации имаа вработените во НА, м-р Астрит Реџепи и м-р Александар Богоевски кои преку панел дискусијата  ги потенцираа квалитативните и квантитативни анализи во високообразовните процеси и директната комуникација со младите генерации.

Во следниот период Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со целосна посветеност, директна поддршка од Брисел и искористување на сите расположливи ресурси ќе работи во насока на максимално искористување на можностите што ги носи новата Еразмус+ програма 2021-2027 година и реализација на поставените цели.

Извор : Национална агенција за европски образовни програми и мобилност