О.Берово: Нова инвестиција во Смојмирово, изградба на фабрика за сушење на сливи

Компанија БЕМАР ФРУТ ДОО, од Берово, започнува со реализација на значајна инвестиција во с. Смојмирово ,,Изградба на фабрика за сушење на овошје и зеленчук”, во која ќе се отворат 9 нови работни места.

Како што истакна инвеститорот д-р Зоран Кракутовски, официјално започнува со реализација проект ,,Изградба на сушара за овошје и зеленчук” на парцела во с. Смојмирово. Објектот, ќе се протега на површина од 1000 м2 и  ќе биде наменет, пред се ,  за сушење на сливи. Сушарата ќе биде со капацитет од 10 тони, свежа слива, на 24 часа . На почетокот е предвидено вработување на 9 луѓе,  од кои еден технолог.

Покрај ангажманот на приватен капитал, проектот финансиски е поддржан од мерка 3 на ИПАРД Програмата, преку Агенција за финансиска поддршка во земјодеството и руралниот развој.

Предвидено е со градежните работи да се заврши некаде кон крајот на месец август, оваа година и веднаш потоа објектот да  започне со работа.

Средечен поздрав за инвестицијата до сопствениците, упати Градоначалникот на општина Берово, Звонко Пекевски, кој истакна дека оваа инвестиција, ќе значи многу за Берово, отварање на нови работни места и подобрување на квалитетот на живот,  како и голем придонес во локалниот економски развој. Општината секогаш ќе ги поддржува ваквите инвестиции. Се надевам дека оваа инвестиција ќе охрабри и ќе даде поттик и мотив  и на други инвеститори-додаде Пекевски.

Инвестицијата за преработка на сливи, ќе значи гарантиран откуп на сливата, за земјоделците,  во малешевскиот регион, како замјоделски производ, по кој на широко е познат овој регион, сигурен пласман и подигнување на земјоделските капацитети, за подобрување на локалниот економски развој.

Инаку во Малешевскиот регион, се произведуваат годишно околу 1900 тони слива, а откупната цена на сливата,  минатата година изнесувала 12-14 денари.

Извор: Општина Берово