О.Битола: 70 години-Заводот за рехабилитација „Кочо Рацин“

Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и други пречки во развојот „Кочо Рацин“ е  единствена установа во земјава од ваков вид. Постои веќе 70 години како државно училиште, под Министерството за образование и наука.

На свеченоста по повод одбележувањето на годишнината присуствуваше заменик градоначалничката на Општина Битола, Емилија Костурски. Таа, во име на општината им посака уште многу години успешна работа на вработените во оваа многу значајна институција во градот под Пелистер.

„ Драго ни е што токму во нашиот град Битола имаме една ваква установа, на која сме посебно горди, а уште повеќе што истата веќе 70 години им го прави полесен животот на сите деца со одредени потешкотии“, рече Костурски.

Децата во овој Завод доаѓаат од целата држава, а вработените секогаш го даваат максимумот за нив, посочи директорката Валентина Стојковска.

„Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ е основан во 1948 година во село Петровец, Скопје, а во 1955 година е преселен во Битола. Заводот е основоположник на дефектолошката теорија и пракса во Република Македонија, а тука преку рехабилитација и образование, преку употреба и користење на најсовремена технологија и специјализирани методи и форми на работа се развиваат интелектуалните и другите способности на децата (учениците) со проблеми во развојот, со цел да бидат оспособени за полесен пристап во нивното секојдневие и во односите со општеството“, истакна директорката  д-р Валентина Стојковска.

На одбележувањето присуствуваа гости од збратимениот завод од Крагуевац, Република Србија, кои на домаќините им подарија уметничка слика. Прославата заврши со приредба подготвена од учениците, збогатена со модна ревија, кратка драмска изведба и многу музика.

Извор: Општина Битола