О.Битола: Како експертите ја гледаат иднината на РЕК Битола

Академик Глигор Каневче, кој воедно е и професор емеритус на универзитетот „Св. Климент Охридски“, на Техничкиот факултет во Битола одржа предавање на тема „Очекувани правци на развојот на енергетиката во светот и кај нас – Нови предизвици и можност за РЕК Битола“. На предавањето  присуствуваше градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, како и  високи претставници од академската јавност, директорот на РЕК Битола м-р Васко Ковачевски, останати раководни лица во овој комбинат, директорот на ЈП „Стрежево“ Менде Граматковски, професори и студенти.

Каневче, во своето предавање истакна дека имајќи ги во предвид тековите во ЕУ, но и енергетските регулативи чиј потписник е нашата земја, ќе мора да се прилагоди на брзорастечкиот и променлив енергетски систем. Насоката на ориентација пред се треба да бидат обновливите извори на енергија, големите хидроелектрани, фотонапонските ќелии, чија цена постојано опаѓа и ветерните електрани. Според него, останатите извори на енергија полека ќе се намалуваат, вклучувајќи го и природниот гас, чија употребливост по 2045 година ќе опаѓа.

Градоначалничката Петровска, активно беше вклучена во дискусијата и се интересираше за можните енергетски чекори на Општина Битола. Каневче сепак, упати апел, термоелектраната РЕК, во соработка со Општина Битола, ЕЛЕМ и Владата, во следните десет години да преземе мерки за преориентација на производството на електрична енергија преку други извори, а притоа да го запази моментот на истиот број на вработени лица во комбинатот.

Извор: Општина Битола