О.Битола: Положено цвеќе во чест на паднатите борци од Втората светска војна

Битола го чествуваше 9 Мај, кој во европски рамки има две значења – Ден на победата над фашизмот и Ден на Европа. Со положување на свежо цвеќе пред Споменикот на револуцијата пред Центарот за култура, им беше оддадена почит на загинатите во Втората светска војна, од страна на градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, како и претставници на Советот на Општина Битола, Сојузот на борци од Битола и на политичката партија СДСМ.

Денес, 74 години по престанокот на овој убиствен светски процес, треба да им се оддаде почит на оние кои ги дале своите животи за нашата сегашност, истакна градоначалничката Наташа Петровска, која посочи уште еден проблем на денешницата.

„Во оваа прилика сакам да споменам дека токму ние во ова што треба да го правиме сега и овде, е конечно да престанеме со говорот на омраза, затоа што тоа е далеку од она што значи здрав разум, од она што значи човечност и од она што значи можност младите генерации да запловат во водите на напредокот, прогрес на човештвото и воспитување на истите за да не се повтори тоа зло кое што се случи во минатото“, рече Петровска.

Од историски аспект, свое видување даде и претседателот на Сојуз на борци Битола, Александар Трајковски.

„Голем дел од населението за време на Втората светска војна се вклучи во Народноослободителното и антифашистичко движење. Битола даде многу жртви, а дел од нив се прогласени за народни херои“, рече Трајковски.

На 9 Мај 1945 година со потпишувањето на капитулацијата заврши Втората светска војна, во која загинаа над 50 милиони лица.

Извор: Општина Битола