О.Битола: Во чест на Мурато, семејството во посета на Општина Битола

По повод 30 години од искачувањето на првиот Македонец на Монт Еверест Димитар Илиевски Мурато, на кого оваа планина при враќањето кон базниот камп му стана вечно почивалиште, градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска во текот на вчерашниот ден (9-ти мај) оствари средба со неговото семејство, односно сопругата на Димитар, Елпида и синовите Јонче и Сашо.

На средбата членовите на семејството изразија задоволство од приемот на градоначалничката и дадоа неколку предлози со цел да се направи нешто повеќе за да се зачува споменот на Димитар Илиевски Мурато.  Меѓу останатото, тие предложија да се обнови спомен-плочата која се наоѓа на нивната куќа, во која израснал Димитар Илиевски Мурато. Исто така, во Заводот и музеј да се постави дел во кој ќе бидат изложени предмети, кои семејството ги поседува, а му припаѓале на Мурато.

Градочалничката Петровска се интересираше за повеќе работи поврзани со ова семејство, за планинарската традиција која ја наследил постариот син Јонче, кој воедно е претседател на планинарскиот клуб којшто го носи името на неговиот татко, а истакна дека сесрдно ќе се заложи општината да направи нешто повеќе да се зачува споменот на овој голем битолчанец.

Димитар Илиевски е еден од најголемите алпинисти во историјата на македонскиот алпинизам.Посмртно е добитник  на наградата Медал за заслуги за Македонија.Покрај спомен обележјата на Копанки и Антена на Пелистер,  Во 2005, под базниот камп на Еверест е изграден споменик во чест на Димитар Илиевски.

Извор: Општина Битола