О.Битола: Започна тестирањето на Ковид-19 во урбаната заедница Панде Кајзеро

Од завчера започна тестирањето со брзи тестови за КОВИД 19, во урбаната заедница „Панде Кајзеро“.

На барање на градоначалничката м-р Наташа Петровска, после донесувањето на одлуката од Советот на Општина Битола, локалната самоуправа ја уреди внатрешноста на објектот на урбаната заедница, согласно потребите на Центарот за јавно здравје и на граѓаните. Дополнително, Општина Битола на Центарот за јавно здравје му донираше 20.000 евра за 2000 брзите тестирања кои ќе се работат во објектот. Пунктот ќе работи од 12.00 до 16.30 часот, секој работен ден.

„Од денес почнува и официјално се отвора новиот пункт за брзи антигенски тестови за докажување на SARS CоV-2 вирусот. Благодарение на поддршката од Општина Битола и градоначалничката, овој простор е реновиран и навистина адаптиран за нашите потреби. Исто така, се донирани и околу 2000 брзи тестови за SARS CоV-2. Барем во овој период, сметаме дека 30 тестови дневно од брзите, ќе бидат сосема доволни, за да се задоволат потребите на граѓаните на Битола, затоа што уште 30 тестови се работат во Здравствен дом и околу 50-70 работиме PCR тестови. Доколку има потреба, ние оваа бројка можеме да ја зголемиме, според потребите на граѓаните“, изјави директорката на Центарот за јавно здравје Елизабета Крстева.

За среќа, во последната седмица, бројот на тестови е зголемен, а бројот на позитивни намален. Како ќе се одвива состојбата понатаму, зависи од сите нас, граѓаните:

„Како ќе се движат бројките, зависи од тоа, колку ќе ги почитуваме препораките, сите ние. Доколку се почитуваат препораките, секако дека овој тренд би го задржале. Меѓутоа, доколку се опуштиме, затоа што бројките се релативно ниски, тогаш навистина ќе ни се случи тој трет бран и ќе се вратиме на бројките кои што ги имавме на крајот на ноември и почетокот на декември. Не би сакала тоа да се случи, затоа апелирам, празниците, сите граѓани да ги дочекаат, достоинствено, во кругот на своите семејства, без групирање и со почитување на сите и досега препорачани мерки за заштита“, рече Крстева.

Со цел поддршка на здравствените работници во борбата со КОВИД 19 и помош на граѓаните за полесно надминување на состојбата, Општина Битола во изминатиот период донираше 80 000 евра, а заедно со јавните претпријатија го подготви и теренот за поставување на модуларната болница.

Извор: Општина Битола