О.Гевгелија: Домот на културата продолжува со работа

Домот на културата во Гевгелија ќе ги интензивираактивностите откако Владата на РСМ го усвои протоколот за организирање настани oд културните институции: кината, театрите, културните домови, изготвен од Комисијата за заразни болести.

Во таа насока, Домот на културата „Македонија“- Гевгелија веќе изготвува програма со културни настани кои ќе се реализираат до крајот на оваа година. Директорот на Домот, Весна Ристова, истакна дека веќе во тек е подготовка на нова театарска претстава, која ќе биде изведена од  Драмското аматерско студио „Дон Кихот“.             

– Домот на културата продолжува со организирање настани од својата продукција. По паузата што ни ја наметна Корона вирусот, започнаа со работа секцијата за традиционални ора и пеења и секцијата за драмски дејности. Во тек се читачките проби и подготовките за нова театарска претстава од ДАС „Дон Кихот“, кои се одвиваат еднаш неделно, во согласност со протоколот за организирање настани и мерките за заштита и спречување на Корона вирусот. Како што е веќе познато, претставата ја подготвува Катица Џишева Дупарова со возрасната група на „Дон Кихот“.

Насловот на претставата, засега, нека остане тајна, само ќе ви откриеме дека станува збор за урнебесна комедија од Бранислав Нушиќ. Да се надеваме дека до крајот на оваа година гевгеличани ќе имаат можност да ја проследат претставата и актерската игра на нивните сограѓани. Веќе сме во приговори со неколку домови, центрите за култура, театри и приватни продукции за реализирање културни настани од различен карактер, истакна Ристова.             

Домот на културата и за време на забраните за движење не ја заборави својата публика и организираше неколку настани од различен карактер, кои се пренесуваа во живо, како:  традиционалната манифестација по повод Патронот на општина Гевгелија и заштитникот на градот, Св. Спас, која траеше три дена, со концерти на гевгелиски групи и ликовна колонија, ја емитуваше театарската претстава „Како да се ограби банка“.

Oрганизираше и неколку настани на отворено, како: манифестацијата од хуман карактер „Нацртај приказна, отсликај насмевка“, концерт на Глигор Гелебешев и Александра Коцевска, монодрамата „Таа“ од НУКЦ „Антон Панов“- Струмица, и концерт на традиционална музика и изложба на реплицирани фотографии на фрески и икони од Бигорскиот манастир, по повод Патрониот празник на населеното место Богородица.

Извор: Општина Гевгелија