О.Гевгелија: Ќе се реконструира Домот на културата во Прдејци

Владата на Република Северна Македонија на 29 седница донесе Одлука со која е одобрена предлог-листа на проекти од општините за финансирање од дополнителни средства, кои се обезбедија со пренамената на финансиските средства од ТАВ што беа предвидени за изградба на карго аеродром во Штип.

Со оваа одлука се обезбедени 35 милиони евра за 99 проекти за 75 општини кои се одобрени за изградба и реконструкција на локална патна инфраструктура, за водоснабдителна мрежа, за канализациони мрежи, за реконструкција изградба на градинки и училишта и спортски објекти, за реконструкција и изградба на здравствени установи, и за други проекти што ги предложија општините и што се прифатени со оваа одлука на Владата на Северна Македонија.

На предлог-листата на одобрените проекти се наоѓа и Општина Гевгелија. Според градоначалникот Сашо Поцков, Општина Гевгелија со овие средства ќе го реконструира Домот на културата во населеното место Прдејци. Станува збор за одамна започнатиот објект кој никогаш не е завршен.

За таа цел, веќе е изработен основен проект со сите неопходни документи, според кој објектот ќе располага со повеќе наменска сала, изложбен простор и придружни простории. Вредноста на проектот изнесува 10.220.420 денари, кои средства се обезбедени од Владата на РСМ.

Извор: Општина Гевгелија