O.Гевгелија: Организирано собирање на комуналниот отпад

Собирањето на комуналниот отпад во општина Гевгелија се врши организирано преку ЈПКД„Комуналец“, кое комунални услуги обезбедува за најголемиот дел од општината.

Поточно, ЈПКД„Комуналец“ врши организирано собирање на отпадот од 15.497 жители во Гевгелија и од 6.880 жители во 12 населени места. За обирање и подигање на комуналниот смет се ангажирани 8 возила во рамките на Секторот за комунална хигиена, кои годишно дистрибуираат околу 16.000 тони комунален отпад.

Инаку, отпадот се собира во усогласени садови и со специјално возило се транспортира до постојната депонија кај Сува река, се до профункционирањето на новоизградената Времена депонија за комунален отпад кај Ново Конско. На територијата на општината постојат четири откупни пунктови за собирање на секундарни суровини, за откуп на дотраени возила, метал, пластика, хартија и акумулатори. Заради поодговорно третирање на отпадот од пакување, општина Гевгелија има потпишано договор за донација на садови за собирање на отпад од пакување од пластика, хартија и стаклосо Пакомак ДОО Скопје. Садовите се распоредени на неколку локации во Гевгелија и во населените места.

Медицинскиот отпад еднаш месечно се презема од страна на овластениот оператор „ЕКО клуб“ од Битола, врз основа на договорите потпишани со создавачите на овој отпад. Додека пак отпадните батерии, акумулатори и друга електро опрема се депонираат на три собирни пункта, во Гевгелија, во Негорци и во Миравци. Електро отпадот, согласно потпишаниот договор, го презема овластената компанија „Елколект“.

Извор: Општина Гевгелија