О. Гевгелија: Пролетна акција за обновување на улиците во општината

Во Гевгелија и во населените места во тек е пролетната акција за изградба, реконструкција и бетонирање на улиците.

По завршената тендерска постапка, согласно Планот за јавни набавки во 2019 година, а и Програма за изградба на локални патишта и улици во општина Гевгелија во 2019 година, започнаа и изведбените работи. По нормализирањето на временските прилики, изведувачот ТИРЦ„Пелагонија“, која го доби тендерот, заедно со подизведувачи, почна со бетонирањето на предвидените помали улици и краци.

Во Гевгелија е извршено бетонирање на паркингот кај Општата болница, а ќе биде бетониран и просторот за паркирање пред детската градинка „Сончогледи“. Покрај ова во Гевгелија е бетониран крак од булеварот „Гевгелија“ и уличката до гробиштата, училиштето и црквата во Смоквица. Предвидено е да биде бетонирана и улицата крај училиштето во Кованец, како и две помали улички во Моин.

Во рамките на акцијата ќе биде извршено асфалтирање на улицата „1 мај“, крај Градскиот стадион и просторот за паркирање кај гробиштата во Гевгелија. Исто така, предвидена е реконструкција на улицата „Браќа Толеви“ во Прдејци и улицата крај детската градинка во Миравци. Работите ќе ги иузведува ВЕ-Група ДООЕЛ Радовиш, која го доби тендерот, а веќе изврши увид на теренот.

Градежната фирма „Еуроинг“, согласно добиениот тендер, веќе ги отпочна подготвителни работи за изградба на одделни нови улици во Гевгелија и во населените места. Целосно отворање и асфалтирање ќе биде извршено на улицата „Гоце Делчев“ во Негорци, улицата „Гоце Делчев“ во Мрзенци, заобиколната улица во Богородица и улицата што се издвојува од Западниот булевар во Гевгелија. Изведбата на сите улици, чија реализација е предвидена во Програмата за локални патишта и улици на општина Гевгелија во 2019 година, што Советот на општина Гевгелија ја донесе кон крајот на минатата година, ќе се одвива во зависност од временските прилики.

Извор: Општина Гевгелија