О.Гевгелија: Започнаа подготвителните работи за изградба на модуларниот КОВИД-центар

Општина Гевгелија почна со подготвителните работи запоставување на модуларниот КOВИД-центар за прием и тријажа на КОВИД-пациенти во Гевгелија. Како што е познато, во Гевгелија треба да биде поставена една од планираните 16 модуларни болници во земјата од страна на Министерството за здравство.

Од страна на Општината треба да се обезбедат приклучоци за: вода, канализација и струја, како и уредување на локацијата. Во Гевгелија, согласно од потребите на овие модуларни градби, модуларниот КOВИД-центар ќе биде поставен на паркинг-просторот на улицата „Ѓорге Стамов“, крај самата Општата болница, а веднаш до Брза помош.

– На почетокот од неделата имав состанок со: изведувачот – валандовската фирма JBT Ajt, ангажирана од страна на Министерството за здравство, претставници на ЕВН-КЕЦ Гевгелија, на ЈПКД „Комуналец“, на Општата болница и на Општинскиот сектор за урбанизам и градежно уредување. По договорниот состанок, беше извршен увид на теренот и започнати изведбените работи за обезбедување приклучок за вода за пиење и канализација, од страна на ЈПКД „Комуналец“ и приклучок за електрoнапојување од страна на ЕВН. Од страна на Oпштината ангажирана е градежна фирма за прилагодување на постојната основица на локацијата на потребите на проектот.Очекувам до крајот на неделата изведбените работи околу обезбедувањето на комунална инфраструктура за модуларната болница да бидат завршени, изјави градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков.

Притоа, најави дека на почетокот од идната недела ќе бидат транспортирани елементите за модуларна градба и ќе започне нејзино монтирање. Веднаш потоа, ќе уследи и поставување на опремата веќе набавена од страна на Министерството за здравство.

Така што, во најскоро време модуларниот КOВИД-центар во Гевгелија се очекува да профункционира.

Извор: Општина Гевгелија